„Тринитас филм“ официјално започна со работа на 19 декември 2025 година. Промоцијата беше во просториите на Романската Патријаршија, и таа е прва стриминг-платформа во светот целосно посветена на православна христијанска содржина.
„Тринитас филм“ е официјалната стриминг-платформа на „Тринитас ТВ“, телевизијата на Романската патријаршија. Таа овозможува пристап до обемен архив на религиозни, културни и образовни аудиовизуелни продукции создадени во последните години.
Платформата е достапна онлајн на адресата: http://www.trinitas.film, како и преку посебни мобилни апликации за уреди со андроид и ајфон, со планови за проширување на пристапот и преку иновативни телевизиски системи.
Платформа посветена на православна содржина
Промоцијата ја одржа архиѓакон Ѓорѓе Попа, патријаршиски советник и директор на „Тринитас ТВ“.
„’Тринитас филм’ е платформа свесно посветена на документарниот филм, авторскиот филм и аудиовизуелните продукции со културна и духовна вредност“ – изјави тој.
Архивата на патријаршиската телевизија во моментов надминува 150 филмови произведени во висока резолуција, претставувајќи „скапоцено визуелно и културно богатство кое заслужуваше да биде донесено во организиран, лесно достапен и тематски структуриран простор“.
Каталогот на „Тринитас филм“
Структурно, платформата е организирана во две главни секции: „Тринитас филм“, која вклучува документарни и тематски продукции, и „Тринитас лајв“, која им овозможува на корисниците да ги следат програмите на „Тринитас ТВ“ во живо.
Каталогот на „Тринитас филм“ е поделен во тематски категории, меѓу кои: манастири и скитови, историјата на Романската патријаршија, светителите од јубилејната година, Светата Земја, светителите на Православието, Православието и општеството, духовни отци и исповедници, Националната катедрала, како и секции посветени на културното наследство и значајни романски личности.
Новата платформа нуди современи функционалности како автоматско продолжување на репродукцијата, зачувување на омилените филмови, персонализирани препораки и можност за слушање на содржината со исклучен екран — особено корисно за следење на преносите во живо.
Пристап до содржината
Пристапот до содржината следи комбиниран модел: повеќе од половината материјали се достапни бесплатно по регистрација, додека останатата содржина е достапна преку претплата од 2 евра месечно.
„Овој модел ни овозможува да го одржуваме квалитетот на документарните филмови, да развиваме нова содржина и да обезбедиме квалитативен раст на платформата“, нагласи директорот на „Тринитас ТВ“.
Архиѓакон Ѓорѓе Попа изрази благодарност до Неговото Блаженство Патријархот Даниел за дадениот благослов за проектот, како и до тимот на „Тринитас ТВ“ и медиа-центарот „Базилика“ за нивниот придонес во развојот и лансирањето на „Тринитас филм“.
Извор: https://basilica.ro/en/romanian-orthodox-church-launches-trinitas-film-streaming/
