Романската Црква одговори на повикот на Украина да ја признае ПЦУ

Во Романската Патријаршија одговорија на повикот на украинскиот амбасадор Игор Прокопчук за признавање на ПЦУ (Православната Црква на Украина), кој беше упатен по обидот на ПЦУ да го заземе соборниот храм „Свети Дух“ во Черновци.

Како што пишуваат романските медиуми, „Романската Патријаршија го нагласи непријателскиот однос на украинската држава кон романските верници во Украина, преку непочитување на нивните права за исповедање на верата, што целосно е спротивно на односот на романската држава кон украинските верници во Романија“.

Во Патријаршијата беше истакнато дека позицијата во однос на ПЦУ останува таа што ја изрази Синодот на Романската Црква на 21 февруари 2019 година, каде што, меѓу другото, се вели: „Проблемот на расколот во Украина не е решен речиси 30 години и не е побарано сеправославно посредување, како што беше направено во случајот со расколот во Бугарија“.

Исто така, во Патријаршијата потсетија дека во таа одлука на Синодот беше упатен повик за свикување сеправославен собор, доколку создавањето на ПЦУ не го реши украинскиот проблем.

Романската Црква подвлече дека „разговорите со романското православно свештенство и верници во Украина покажаа дека мнозинството од нив решително, дури со страв, го одбиваат можниот премин под јурисдикција на ПЦУ“.

Во Романската Патријаршија заклучуваат дека признавањето на ПЦУ „автоматски ќе доведе до засилување на притисокот од страна на украинските власти за премин под јурисдикција на ПЦУ“.

Исто така, Патријаршијата ја критикуваше украинската држава за одбивањето да ја регистрираат управата на Романската Православна Црква во Украина.

Извор: https://www.stiripesurse.ro/exclusiv-biserica-ortodoxa-romana-ambasador-ucrainean_3739112.html