Во контекст на неодамнешната појава на профили на социјалните мрежи кои лажно тврдат дека претставуваат свештени и монашки лица, и преку кои се бараат пари во замена за неправославни практики (гатање, „ослободителни молитви“, „магија“ или други активности од окултен карактер), Романската патријаршија реагира на овие обиди за измама, апелирајќи на внимателност кон оваа појава и на информирање од официјални извори за начините на кои може да се даваат донации.
Романската Православна Црква не практикува и на никаков начин не ги поттикнува ваквите појави, кои се спротивни на христијанското учење и православната духовност. Секое поврзување на овие практики со свештеничкиот живот или со дејноста на Црквата е лажно и неприфатливо.
Профилите кои користат фотографии на наводни „монахињи“, „монаси“, „свештеници“ или „епископи“ за да бараат пари преку интернет, особено преку социјалните мрежи, без проверлива идентификација, треба да се третираат со најголема претпазливост.
Затоа, Романската патријаршија упатува апел до верниците:
* да ги игнорираат барањата за финансиска помош кои доаѓаат од неофицијални и непроверени извори што промовираат практики спротивни на учењето на верата, притоа лажно повикувајќи се на припадност кон Романската Православна Црква;
* да ја проверуваат автентичноста на страниците или профилите што се повикуваат на имињата на манастири или парохии, како и на наводни свештени или монашки лица;
* да се обраќаат директно до познати црковни институции или официјални веб-страници кога сакаат да дадат материјална поддршка;
* да пријавуваат можни случаи на измама до надлежните органи.
Романската Патријаршија повикува на расудување, одговорност и правилно информирање, нагласувајќи дека помагањето на ближниот и поддршката на парохиските и манастирските свети места треба да се врши транспарентно и во целосна согласност со вредностите на христијанската вера – се вели во соопштението од прес-службата на Романската Патријаршија.
Извор: https://basilica.ro/en/romanian-patriarchate-fake-clergy-online-scams/
