Романската православна црква се подготвува да изврши Мироварение пред годишнината од автокефалноста

На Велики Четврток, 17 април 2025 година, само неколку дена пред прославата на 140-годишнината од признавањето на својата автокефалност, Романската православна црква ќе по 23-ти пат ќе изврши Мироварение.

Овој настан, кој се одликува со особена свеченост, е дел од програмата на Романската патријаршија во рамки на Јубилејната година.

Пред осветувањето, Светото Миро се приготвува со повеќе од 40 состојки, меѓу кои маслиново масло, чисто вино, билки и зачини.

Распоред на настаните

Приготвувањето на Светото Миро ќе започне на Велики Понеделник, во Манастирот „Недела на сите романски светители“ во Букурешт. Процесот ќе се одвива во посебно подготвена просторија – „Миростирион“, изградена за претходното осветување на миро во 2019 година.

Во текот на подготовката, во Миростирионот непрекинато ќе се читаат текстови од Евангелието и Псалмите.

Откако ќе биде подготвено, повеќе од 200 литри миро ќе бидат пренесени за осветување во Патријаршијата.

Настанот ќе се одржи за време на Божествената литургија на Велики Четврток, со која ќе началствува Патријархот Даниел, заедно со членовите на Светиот синод. Литургијата ќе се служи на надворешниот олтар на Патријаршиската катедрала, а богослужбените одговори ќе ги изведува византискиот хор „Тронос“.

По осветувањето, секоја епархија на Романската православна црква ќе добие околу пет литри од Светото Миро.

За Светото Миро

Светото Миро е „темелот и изворот на осветувањето на животот на Црквата“, според зборовите на Патријархот Даниел. Само автокефалните православни цркви имаат право да осветуваат Свето Миро.

Тоа се користи при миропомазанието на новокрстените верници, при осветувањето на храмови, антиминси (посветени олтарски покривки), при положување на мошти на светители и при примањето во Православието на лица од други христијански заедници, чие крштение е признаено по икономија (пастирско снисходење).

Извор: https://basilica.ro/en/romanian-orthodox-chrism-consecration-2025/