Романците и Србите од областа Тимошка Краина во неделата ја прославија Света Магдалена од Малајница при локалното прогласување на нејзината канонизација, што се одржа во манастирот Малајница во Србија.
Светата Литургија ја отслужи Банатскиот митрополит Јован од Романската Православна Црква, во сослужение со Романските архијереи: Каренсебешкиот епископ Лукијан, Епископот на Северин и Стрехаја Никодим, Епископот на Јужна Бесарабија Венјамин, Епископот на Дакија Феликс Јероним и Епископот на Унгарија Силуан.
Беседа одржа митрополитот Јован, кој истакна дека љубовта кон Бога и кон ближниот е темелот на христијанскиот живот, а секој човек има вечна вредност, втемелена во Христовата љубов и во Неговата победа над смртта.
Епископот Јероним го прочита Синодскиот томос за прогласување на света Магдалена од Малајница за света. Томосот ја изложува житието на света Магдалена и нејзиното дело во заедниците во Тимошката Краина.
„По природа побожна и добро упатена во учењето на верата, таа се ставила во служба на Црквата, на сите им го проповедала словото Божјо, со што го чувала кандилото на верата неугаснато“, се вели во синодскиот документ.
Светиот Синод на Романската Православна Црква одлучи света Магдалена од Малајница да се празнува секоја година на 15 октомври и „да биде внесена во Синаксарот, во богослужбените книги, како и во календарот на Романската Православна Црква“.
Мост меѓу Романците и Србите
Потоа, Банатскиот митрополит Јован ја прочита пораката на Романскиот патријарх Даниел, насловена „Света Магдалена од Малајница – исповедничка на верата, мудра советничка и заштитничка на Романците (Власите) и Србите“.
Романскиот патријарх ја истакна непоколебливоста на Света Магдалена во зачувувањето на верата, вклучително и во времето на комунистичкиот режим: „Света Магдалена го одржувала запалено кандилото на Православието токму тогаш кога противничките сили по секоја цена се обидувале засекогаш да го изгаснат“.
Патријархот ја истакна и улогата што светата ја имала во приближувањето на романската и српската заедница: „Таа беше мост на поврзување меѓу двете заедници, со големо трпение објаснувајќи ги тајните на верата на секој од нив на јазикот што најдобро го разбираше“.
„Денес моштите на света Магдалена од Малајница подеднакво ги почитуваат романските (влашките) и српските верници. Тие се обединети во истата побожност кон нивната молитвеница, која секој на својот јазик ја смета за заштитничка на селата од целата Тимошка Краина“, порача Патријархот Даниел.
Момент на заедништво
И претседателот на Романија, Никушор Дан, испрати порака по повод локалното прогласување, која ја прочита Евген Томак, почесен советник за односите со Романците од целиот свет.
„Локалното прогласување на канонизацијата на света Магдалена од Малајница е празник на верата, но и на сеќавањето и континуитетот на една заедница која низ поколенијата достоинствено ги зачувала својот идентитет, традициите и врската со своите духовни вредности“, порача романскиот претседател.
Епископот Јероним им се заблагодари на архијереите, свештенослужителите, властите и верниците кои учествуваа на локалното прогласување.
„Тоа навистина беше момент на заедништво преку кој ја исповедавме нашата заедничка вера, желбата за добро и за напредок“, истакна Преосвештенството.
На крајот од свеченостите, беа доделени одликувања од страна на неколку романски сенатори. Меѓу одликуваните беа отец Боајан Александровиќ, епархиски свештеник во Тимошката Краина, и Банатскиот митрополит Јован.
Света Магдалена од Малајница
Света Магдалена од Малајница е родена на 22 ноември 1895 година во селото Шчубик во Тимошката Краина. Нејзиниот татко Миленко Илиќ бил Србин, а мајка ѝ Милка била Романка, потомок на семејството Каталинич, кое дошло од Трансилванија.
На 19-годишна возраст се омажила за Милош од селото Малајница, но набргу останала вдовица, по смртта на својот сопруг на фронтот во Првата светска војна. Во годините на бугарската окупација, кога повеќе заедници останале без свештеници, таа читала и пеела на певницата, ги поттикнувала луѓето да останат непоколебливи во верата и се борела против практиките на вештерството.
Света Магдалена продолжила со ова дело и во периодот на комунистичкиот режим во поранешна Југославија, а во заедницата била позната како „советничка“ на оние кои барале од неа духовно раководство. Зборовите што често им ги упатувала на оние кои се наоѓале во искушенија, „Бог гледа“, биле инспирација и за насловот на документарната драма која неодамна беше објавена на платформата „Тринитас филм“ на Романската Црква.
Света Магдалена од Малајница се упокоила во Господа на 15 октомври 1962 година. Нејзината канонизација се случи во 2025 година, заедно со уште 15 свети романски жени, за што известивме.




Извор: https://basilica.ro/romanii-sarbii-cinstit-sfanta-magdalena-malainita-proclamarea-locala-canonizare/
