Романскиот патријарх Даниел го одбележа 75-от роденден со работна средба

Романскиот патријарх Даниел на 22 јули 2026 година го одбележа својот 75-ти роденден со работна средба во Културно-мисионерскиот центар „Фамилија“ во Пантелимон, во близина на Букурешт. Неговото Блаженство истакна дека овој ден претставува „момент на благодарност упатена кон Бога“.

На средбата се собраа членовите на Постојаниот комитет на националниот црковен совет и Постојаниот комитет на архиепископскиот совет на Букурешката архиепископија. Дискусиите беа фокусирани на моменталната фаза од подготовките за Меѓународната средба на православната младина 2026, која ќе се одржи во Букурешт од 31 август до 3 септември.

Неопходно место за дијалог

На крајот од средбата, о. Штефан Абабеј, патријаршиски советник и директор на Културно-мисионерскиот центар „Фамилија“, го претстави развојот на комплексот изграден на местото на поранешниот хотелски комплекс „Пантелимон“, истакнувајќи ја неговата трансформација во центар посветен на пастирските, културните и мисионерските активности на Романската Патријаршија.

Патријаршискиот советник потсети дека поранешниот манастир „Св. Пантелејмон“, основан во 1735 година од кнезот Григоре II Гика и урнати од комунистичкиот режим во 1986 година, е симболично обновен преку изградбата на новата црква во рамките на центарот.

„Новата црква ја заокружува програмската визија на Патријархот Даниел, претворајќи го поранешното место за рекреација во толку потребно место за дијалог, мисија и духовна обнова на современото општество“ – изјави директорот на Културно-мисионерскиот центар „Фамилија“.

Благодарствен молебен

По средбата, Патријаршискиот викарен епископ Паисиј Синајски одслужи благодарствен молебен во новоизградената црква во центарот.

За време на настанот беа прочитани неколку честитки упатени до Патријархот Даниел, а беше претставено и спомен-издание објавено од издавачката куќа „Базилика“ по повод 75-тиот роденден на Поглаварот.

Благодарност до сите што ѝ служат на Црквата

По службата, Патријархот Даниел Му се заблагодари на Бога и на сите што се вклучени во црковната дејност. Тој објасни зошто избрал да го одбележи својот роденден токму со работна средба.

„Сакавме оваа средба да има форма на работен состанок бидејќи денешниот ден нуди можност уште повеќе да ја истакнеме вокацијата на овој Културно-мисионерски центар ‘Фамилија’, особено што оваа година во Романската патријаршија е посветена на пастирската грижа за христијанското семејство.“

Патријархот Даниел зборуваше и за новата црква изградена во рамките на центарот, која ја продолжува традицијата на поранешниот манастир „Св. Пантелејмон“ и ќе им биде посветена на Великомаченикот Пантелејмон, Апостолот Филип и Свети Григориј Палама.

Исто така, Патријархот ја нагласи важноста на христијанското воспитание во семејството, опишувајќи го како темел за обликување на идните генерации.

„Семејството што ги воспитува своите деца во вера и во смирена, милосрдна љубов е семејство што ѝ дава светители на Црквата, кои Црквата подоцна ги препознава како такви.“

Пораки со честитки

Беше причитана честитката испратена од претседателот на Романија, Никушор Дан, кој ја пофали визијата на Патријархот Даниел, истакнувајќи дека таа „ја катализира разновидната активност на Романската православна црква, постојано носејќи нова енергија, отвореност за комуникација и взаемно почитување, додека останува цврсто вкоренета во темелните христијански вредности“.

Потоа, о. Флорин Марика одржа говор со наслов „Придонесот на семејството, училиштето и црквата во христијанското воспитание на децата и младите – постојан приоритет на Патријархот Даниел“, во кој се осврна на главните образовни иницијативи развиени под раководство на Патријархот.

Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-marks-75th-birthday-working-meeting-orthodox-youth/