Романскиот патријарх Даниел за наследството на Свети апостол Павле и за Првиот Вселенски собор

Патријархот на Романската православна црква г.г Даниел упати слово со духовно ободрување и теолошко согледување пред учесниците на 31-то издание на Меѓународниот научен конгрес „Павлија“, посветен на Свети апостол Павле.

Овогодинешниот конгрес „Павлија“ се фокусира на темата „Апостол Павле и Првиот вселенски собор“, со што ја одбележува 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја (325 г.).

Во продолжение следи обраќањето на Патријархот Даниел.


Свети апостол Павле и Првиот Вселенски собор во Никеја

Со длабока радост во Христа Господа сме поканети да учествуваме на 31-то издание на Меѓународниот научен конгрес „Павлија“, посветен на Свети апостол Павле, основачот на Митрополијата на Верија, Науса и Кампанија.

Овогодишната тема на Меѓународниот научен конгрес „Павлија“ – „Апостол Павле и Првиот Вселенски собор“ – е од голема важност, бидејќи Светите Отци во Никеја го формулираа првиот Символ на верата на Црквата во 325 г., во соборен и свечен амбиент. Овој Символ на верата стана основа и референтна точка за сите други догматски одлуки на следните Вселенски собори против ересите.

Светиот апостол Павле брилијантно и проникливо богословеше за животот на првите христијански заедници, а некои од нив тој ги основал, како и за таинствата на воплотувањето на Синот Божји заради нашето спасение и обожение, и заради обновување на благодатната заедница меѓу човештвото и Пресвета Троица преку Светиот Дух, во Исус Христос, нашиот Господ и Спасител (2 Кор 13, 13).

Првиот Вселенски собор во Никеја, одржан во 325 г., не беше само доктринарно соочување со ересите од тоа време. Тој беше и фундаментален и неопходен чекор во догматското формулирање на православната вера и нејзиното исповедање како спасителна вистина, по три векови жестоки прогони и непријателство кон христијаните во Римското Царство, и во амбиент обележан со интензивна теолошка полемика.

Во Никејскиот Символ на верата, светите отци прогласија дека целта на воплотувањето на вечниот Син Божји е спасението на човештвото: „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе и се воплоти, стана човек, страдаше и воскресна на третиот ден, се вознесе на Небото и повторно ќе дојде да им суди на живите и мртвите.“

Спасението значи простување на гревовите и соединување на човештвото со Бога − Изворот на вечниот живот. Затоа, светите отци во Никеја потврдија дека, ако Господ Исус Христос не е целосен Бог, тогаш човештвото не може да добие спасение или вечен живот.

Организирањето на овој Меѓународен научен конгрес „Павлија“ на тема „Апостол Павле и Првиот Вселенски Собор“, за целиот православен свет е повод за голема духовна радост.

Овој значаен настан во 2025 г., во контекст на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја, ќе придонесе за зајакнување на нашата одговорност да ја зачуваме православната вера и единството на Црквата на нашиот Господ Исус Христос.

Се молиме на Бога делата на Конгресот да донесат богати и корисни плодови за Православната Црква и новите генерации христијани да бидат ревносни и верни мисионери, како Свети апостол Павле, за слава на Пресвета Троица и за наше спасение.

Со патријаршиски благослов во Христа Господа и со братска прегратка,

† Даниел, Патријарх на Романската православна црква

Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-pavleia-2025-saint-paul-nicaea/