Романскиот патријарх Даниел за соработката на државата со верските заедници

Даниел, патријархот на Романската православна црква, на состанокот што се одржа во на 9 октомври 20024 година, во Орадеа, ја истакна клучната улога на соработката меѓу државата и религиозните заедници. Настанот, како дел од тековните активности на Комисијата за дијалог на државата со верските заедници, имаше за цел да ја зајакне соработката помеѓу владата и верските институции.

Патријархот Даниел истакна три клучни области на партнерството: образованието, здравството и социјално-хуманитарната работа. Тој ги пофали тековните проекти: „Дарувај крв, спаси живот!“ и кампањата „Здравје за селата“, нагласувајќи го нивното позитивно влијание врз општеството.

Патријархот повика и на законски измени, да им се дадат ексклузивни права на религиозните заедници, да го определуваат начинот на почитување на нивните чествувани личности, со цел да се заштитат верските практики и символи.

Тој изрази уверување дека понатамошната соработка меѓу државата и верските заедници ќе биде од корист за развојот на романското општество.

Состанокот, организиран од Државниот секретаријат за верски прашања, ги собра верските водачи и владините претставници, за решавање на заедничките грижи и да продолжат со плодниот дијалог започнат порано оваа година.

Во продолжение прочитајте го целосниот текст на пораката на патријархот Даниел.


Активноста на Комисијата за дијалог меѓу државата и религиозните заедници е од корист за романското општество

Работната средба меѓу претставниците на романските религиозни заедници и претставниците на романската држава, која денес се одржува во Римокатоличката епископска палата во Орадеа, е трета средба од формирањето на Комисијата за дијалог меѓу државата и верските заедници, на 2 октомври 2023 година, во палатата Викторија.

Ова консултативно тело е исклучително вредно за поттикнување на дијалогот и соработката меѓу државата и религиозните заедници, што е придонес за романското општество.

На претходните две средби, верските претставници истакнаа неколку практични прашања со кои се соочуваат во нивните активности. Романската влада веќе даде решенија за повеќето од нив со усвојување или изменување на одредени законски акти, што нѐ охрабрува да продолжиме со дијалогот.

Соработката меѓу државата и признатите религиозни заедници е од витално значење во најмалку три важни области: образованието на децата и младите, јавното здравје и социјално-хуманитарната работа.

Романската патријаршија денес комбинира социјално-хуманитарна и медицинска работа во три големи проекти, од кои првите два се спроведуваат повеќе од една деценија со извонредни резултати: кампањата „Дарувај крв, спаси живот!“, кампањата „Здравје за селата“ и, од неодамна, кампањата за превенција на рак на грло на матка преку дијагностичкиот метод Бабеш-Папаниколау. Овие корисни активности за општеството мора да продолжат и да се интензивираат.

Во друг контекст, нашата Црква ја цени соработката меѓу државата и верските заедници во зачувувањето и вреднувањето на религиските богатства.

Истовремено, сметаме дека овој напор не треба да се ограничи на објектите од наследството или на историските споменици, туку треба да се одразува и преку создавање на соодветна законска рамка, која ќе им овозможи на сите признати религиозни заедници, врз основа на нивната уставно загарантирана автономија и следење на сопствените статути или канонски правилници, да одлучуваат за начините на чествување на канонизираните, прогласените, осветените личности, оние кои се препознаени како праведни или се признати како нивни идентитетски символи.

Затоа, Романската православна црква бара поддршка од државата, како и од другите признати религиозни заедници, за амандман на членот 29 од Законот бр. 489 од 28 декември, 2006 г. со додавање на нов став, кој вели:

„(2) Верските заедници имаат ексклузивно право да одредат како се почитуваат канонизираните, прогласените, осветените личности, оние кои се признаени како праведни или признати како нивни идентитетски символи“.

Ваквата законска измена би одиграла важна улога во дополнувањето и зајакнувањето на правната рамка во однос на практикувањето на верската слобода во нашата земја, со неопходна и практична регулатива, насочена кон заштитата на активностите на верските заедници за почитување и одбележување на символични, истакнати и свети личности во секоја заедница.

Предложениот законски амандман се усогласува и ги надополнува одредбите од член 13, став 2 од Законот за религиозни заедници, кој вели дека „во Романија, секој облик, средство, дејство или акти на верска клевета или поттикнување на верска омраза, како и јавен прекршок против верските символи, се забранети“.

На крај, упатуваме благодарност до домаќинот на овој настан, римокатоличката епархија на Орадеја, како и до Романската влада и до Државниот секретаријат за верски прашања, за организирањето на оваа нова средба меѓу претставниците на романските религиозни заедници и претставниците на романската држава.

Уверени сме дека заедничките активности кои се од корист за животот на романскиот народ и за развојот на романското општество ќе бидат полесно организирани преку неопходната и природна соработка меѓу државата и верските заедници, како и меѓу самите признати религиозни заедници.

† Даниел, Патријарх на Романската православна црква


Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-highlights-importance-of-state-religious-dialogue-for-romanian-society/