Романскиот Патријарх Даниел – обраќање на конференција на хирурзи

Неговата Светост Романскиот Патријархот г.г. Даниел ја истакна врската помеѓу медицината и христијанската духовност на конференцијата на Евро-азиското здружение за кардиоваскуларна и торакална хирургија

Во своето обраќање на 17-то годишно собрание на Евро-азиското здружение за кардиоваскуларна и торакална хирургија (EABM), што се одржа од 17 до 20 октомври во Јаши, поглаварот на Романската православна црква г.г. Даниел укажа на важноста на соработката помеѓу медицинската наука и христијанската духовност. Тој истакна дека двете полиња имаат заедничка цел: излекување на болните.


Благотворната соработка помеѓу медицината и христијанската духовност

Со голема радост ги поздравувам сите учесници на 17-то годишно собрание на Евро-азиското здружение за кардиоваскуларна и торакална хирургија (EABM), што се одржува од 17 до 20 октомври во Јаши. Го молиме нашиот Господ Исус Христос да го благослови овој важен научен собир и неговите организатори.

Медицината е уникатен простор каде што науката се вкрстува со духовноста, со заедничка цел: излекување на болните преку медицинска грижа спроведена со вера во Бога – Изворот на животот.

Денешниот извонреден напредок на медицинската наука создаде бројни врски со христијанската духовност. Духовниот живот во Црквата, како и состраданието и солидарноста што се практикуваат во христијанските заедници кои се сведоштва за автентичен духовен живот, сѐ повеќе се потврдуваат со истражувањата како корисни и за духовното и за телесното здравје.

Медицинските истражувања го покажуваат терапевтскиот потенцијал на љубовта и состраданието, благотворните ефекти на алтруизмот врз здравјето и влијанието на волонтерството врз човековата благосостојба.

Состраданието ги зајакнува оние што се грижат за болните, овозможувајќи им да се соочат со страдањата. Медицинската грижа, исполнета со сострадание, често се доживува како духовна исполнетост. Доброто срце е лек за здраво срце, исто како што простувањето го ослабнува непријателството, го намалува стресот и го подобрува квалитетот на животот на оној што простува.

Животот просветлен со вера и практиките специфични за христијанската духовност го поддржуваат благотворното влијание на духовната димензија на медицинската грижа, поттикнувајќи здраво однесување на лично, семејно и општествено ниво.

Со својата дејност, лекарите се приближуваат до свештениците, присуствувајќи на раѓањето, растењето, а честопати и на смртта на човекот. Постојано настојувајќи да ги намалат страдањата, да го продолжат животот и да го обноват здравјето, лекарите, како и свештениците, заземаат привилегирана положба во областа на животот, секојдневно сведочејќи за таинството на животот и чудото на излекувањето.

Го молиме Бога да ни помогне да ја проткаеме духовноста на молитвата со медицинската наука и со другите дисциплини кои се фокусирани на човештвото – круната на Божјото создавање. Така ќе ја почувствуваме Христовата љубов кај лекарите и кај оние кои се молат за здравјето на другите.

Како признание за неговaта особена дејност со служење на ближниот, ги доделуваме почесната Грамота и Медалот 2024 – „Година на пастирската грижа и помош на болните“ – на професорот д-р Григоре Тиница, претседател на Конгресот и директор на Институтот за Кардиоваскуларни заболувања во Јаши.

Со почит и благослов,
† Даниел, Патријарх на Романската православна црква

Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-highlights-link-between-medicine-and-christian-spirituality-at-eabm-conference/