Романскиот патријарх ги повика новите духовни отци да не даваат совети врз основа на сопственото мислење: Кажете го она што е напишано во Евангелието

На 27.11.2024 г., во параклисот Св. великомаченик Георгиј, во Архиепископијата во Букурешт, Романскиот патријарх Даниел изврши хиротесија на четиринаесет свештеници за исповедници (духовни отци), предавајќи им препораки за нивната нова духовна дејност.

Неговото Блаженство истакна дека исповедниците треба да ги просветуваат верниците со спасоносните вистини на Евангелието и учењата на Светите Отци, наместо да се потпираат на лични идеи. „Кога давате совети, мора да го кажувате она што е напишано во Евангелието, а не ваши лични мислења” – порача Патријархот.

Патријархот Даниел на исповедниците им објасни и дека задржувањето или неотпуштањето на гревовите, како што забележал св. Кирил Александриски, означува одложување на отпуштањето додека покајникот не покаже подлабоко покајание. „Не станува збор за одбивање да се простат гревовите на неодредено време, туку за одложување поради подобра подготовка” – појасни тој.

Неговото Блаженство истакна дека оваа служба е апостолска и духовна и бара подготовка за да им се помогне на верниците духовно да растат. „Ова не е само механичко простување; тука се бара расудливост и духовна зрелост. Целта не е само да се простат гревовите, туку на покајникот да му се помогне да расте духовно, да се осветува, не само да го остави гревот, туку да ги култивира добродетелите“.

Исповедникот како духовен лекар

Патријархот истакна дека во раната Црква му било придавана голема важност на исповедникот кој разрешува од гревовите и му дозволува на верникот да се причести. Тој потсети што значи вистински исповедник според Шестиот вселенски собор: „Исповедникот е како лекар, а не како обичен судија кој ослободува или осудува, простува или не простува, врзува или отпушта”.

„Ова означува преминување од исповедникот како судија кон исповедникот како лекар кој ги лекува себичните страсти на душата и им помага на покајниците да растат во добродетелите. Затоа, исповедникот мора да дејствува како лекар кој користи строгост и попустливост, во зависност од личноста”.

Понатаму, тој објасни дека небрежните треба да се поттикнуваат кон ревност, а оние со пречувствителна совест, кои се склони кон очајување поради своите гревови, треба да се уверуваат. Тој изјави дека исповедникот мора да има голема расудливост, бидејќи нивната работа носи голема одговорност.

„Со повеќе духовни чеда под ваше водство, вашата одговорност се зголемува. Мора да ги спомнувате во вашите молитви; давањето совети не е доволно. Мора да се молите Бог да им помогне да ги применат вашите совети” – истакна Неговото Блаженство.

Тој, исто така, ги потсети верниците дека се должни да се молат за своите исповедници, просејќи од Бога да ги вдахновува и да ги води, за нивните совети да бидат духовно корисни и да водот кон добри дела.

Новопроизведените исповедници добија уверенија за положен испит за исповедник, крстови за благословување, Требник и други подароци кои ќе им бидат од помош во нивната служба.

Извор: https://basilica.ro/noii-duhovnici-indemnati-de-patriarh-sa-nu-dea-sfaturi-dupa-parerea-lor-tu-spui-ce-scrie-in-evanghelie/