Посебни молитви за мир ќе бидат одржани во сите богослужбени места на Романската патријаршија, во недела, 22 февруари 2026 година, по повод четири години од избувнувањето на разорната војна во Украина.
Романските православни свештеници во татковината и во дијаспората, ќе се молат во парохиските храмови, манастирските параклиси и цркви, како и во параклисите на болниците и социјалните центри, за прекин на непријателството, за омекнување на воинствените срца, и за поддршка и утеха на ранетите, на бегалците и на сите што се погодени од злото на војната.
Ќе биде прочитана Молитвата за мир, одобрена од Светиот Синод на Романската православна црква, а за време на Божествената Литургија во ектениите ќе бидат додадени и посебни прозби за мир.
Завршниот дел од Молитвата за мир гласи:
„Ти рече: Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји. Научи нè да се стремиме кон стекнување мир во срцето и мир меѓу поединците и народите, зашто во срцето во кое живее мирот веќе нема непријателство, љубов кон господарење или страв, туку во него е утехата на Светиот Дух, љубовта кон Бога и љубовта кон нашите ближни.
Затоа, смирено Ти се молиме, Христе Боже наш, за мир меѓу луѓето во секоја земја, за мир меѓу народите и за благосостојба на целиот свет, за да живееме во слога и без пречки да вршиме дела угодни на Тебе, прославувајќи ја човекољубивата љубов на Отецот и на Синот и на Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.“
Верните, исто така, се повикани да го читаат целосниот текст на молитвите за мир препорачани од Неговото Блаженство Патријархот Даниел уште од почетокот на војната.
Извор: https://basilica.ro/en/prayers-for-peace-recommended-by-patriarch-daniel-full-text/
