Во рускиот град Белгород беа осветени камбаните на храмот во изградба посветен на светиот маченик Јован Воин, кој ќе биде првиот храм во регионот целосно приспособен за потребите на слепите, луѓето со оштетен вид и глувите лица.
Осветувањето на камбаните претставува важна етапа во изградбата на храмот, кој со тоа го добива својот прв „глас“. Храмот се гради во Паркот на сеќавањето – место со големо историско значење, каде за време на Втората светска војна нацистичките окупатори стрелале и закопале во масовни гробници и ровови повеќе од 2.500 цивили и заробени војници на Црвената армија.
Пред една година, поглаварот на Белгородската митрополија го освети темелниот камен на новиот храм. Тој се гради во непосредна близина на населба во која живеат голем број слепи и слабовидни жители на Белгород. Во моментот се изведуваат кровните работи, кои накратко беа прекинати поради чинот на осветување на камбаните.
Ова ќе биде првиот храм во регионот со тактилни резбани икони и натписи на Брајово писмо, што ќе им овозможи на слепите верници преку допир да ги запознаваат светите претстави. Богослужбите за глувите ќе се преведуваат на знаковен јазик. Православната заедница на лица со оштетен слух, која во моментов се собира во духовната семинарија, со нетрпение го очекува завршувањето на изградбата. И надворешното и внатрешното уредување на храмот, како и просторот околу него, се проектирани според потребите на лицата со попреченост.
Чинот на осветување се одржа додека во градот се огласуваа сирени за воздушна опасност и траеја ракетни напади, кои беа одбивани од системите за противвоздушна одбрана.
