Руската православна црква го суспендираше настојателот на храмот „Св. апостоли Петар и Павле“ во Обухово, населено место во Московската област, откако на социјалните мрежи се прошири видео од вежба со оружје внатре во храмот, кое брзо предизвика скандал.
Снимката прикажува тројца млади мажи во воени униформи како изведуваат вежба со автоматски пушки „калашников“, при што во еден момент оружјето го насочуваат кон олтарот. На екранот во храмот тие се означени како членови на Центарот за патриотско воспитување „Динамит“.
Настанот се случил на 15 февруари годинава, на денот на празникот Сретение Господово, кој од 1953 година се одбележува и како Светски ден на православната младина.
Неговото Преосвештенство епископ Николај од Балашиха и Орехово-Зуево брзо реагираше на скандалот и уште наредниот ден, 16 февруари, издаде указ за привремено разрешување на протојерејот Сергиј Решетњак од должноста настојател.
