Руската Црква објави „Месецослов за проскомидија за 2027 година“

Од Издавачката куќа на Московската Патријаршија излезе „Месецослов за проскомидија за 2027 година“. Изданието е наменето за свештенослужителите и е специјално изработено и приспособено за употреба при извршувањето на проскомидијата.

Особеностите на овој Месецослов, во споредба со стандардните месецослови и календари, се состојат во следново: од содржината на обичниот месецослов се отстранети укажувањата за богослужбените читања, празнувањата во чест на иконите на Божјата Мајка и другите настани што не се однесуваат на споменувањето на светителите. Оставени се само називите на празниците, недели, седмици, посебни денови, претпразненства, попразненства и сл., за полесно снаоѓање во календарот не само според датумите. Називите на деновите се поместени десно од датумите и се ставени во кругови за полесно визуелно забележување.

Месецословот е отпечатен во полна боја. Почетокот на месецот според стариот и новиот стил е означен со обоена пастелна подлога. Месецословот започнува со јануари и завршува со 31 декември според новиот стил. За полесно читање е воведен намерен контраст меѓу насловите на деновите и списокот на светителите за тие денови. Кај делничните денови насловите се со сина боја, а светителите со црна. Кај празничните денови насловите се со јаркоцрвена боја, а светителите со бордо боја.

Презимињата на новомачениците, вековите и годините на нивното упокојување, како и споредните изрази „наоѓање на моштите“, „пренесување на моштите“, „прославување…“, „споменување…“ и сл., се отпечатени со помал и посветол фонт — со сива боја во делничните денови и бледорозова во празничните. Тоа овозможува со поглед лесно да се издвојат само информациите потребни за споменување. Укажувањата за Литургијата — дали е предвидено да се служи Литургија или не, а ако е предвидено, која Литургија — се дадени со зелен курзивен фонт во помал големина.

Над невообичаените и сложените имиња и топоними се означени акцентите според месецословот во Служебникот.

Книгата е изработена во форма на тефтер со формат А5, со спирално поврзување, што овозможува страницата целосно да се префрли на другата страна без да се зголемува дебелината на блокот кај ‘рбетот. Спиралата е метална, што обезбедува отпорност на механички влијанија.

Практичниот формат на тефтерот овозможува тој да се стави лево од дискосот за проскомидија или да се земе в раце, без опасност со него да се допре нешто. Книгата може да се стави и на работ од жртвеникот, доколку неговата површина и распоредот на свештените садови го дозволуваат тоа, така што да не биде попречен дискосот.

Освен за проскомидијата, се користи и за споменување на светителите при отпустот.

Извор: https://www.rop.ru/novosti/article_post/mesyaceslov-dlya-proskomidii-na-2027-god