Православните храмови на Руската Православна Црква низ целата земја во неделата, на 11 јануари 2026 година за првпат одржаа национален молебен, насочен кон просветлување на оние кои имаат намера да извршат абортус. На тој датум, Православната Црква го празнува споменот на 14.000 Витлеемски младенци, убиени од Ирод.
Текстот на молебенот беше одобрен на седница на Светиот Синод на 26 декември 2025 година и објавен на веб-страницата на Московската епархија. Во него се содржат, меѓу другото, и следниве молитвени прозби:
„За нашите браќа и сестри, обземени од грешни помисли за убивање на деца, да се вразумат, и да се избават од оваа бесмислена темнина и да дојдат до покајание и познавање на вистината, да Му се помолиме на Господа.“
„Да ја разберат волјата Господова, добрата и совршена, и да не презрат ниту едно од овие мали, уште неродените младенци, да Му се помолиме на Господа.“
Молебени беа најавени во сите храмови на различни епархии, а поединечни храмови известија дека богослужбата навистина била извршена, при што на некои места биле делени и летоци за „христијанскиот однос кон мајчинството, како и за духовните последици од гревот на убивањето на дете“, пренесува „Зона медиа“.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тверски Амвросиј пред служењето на молебенот истакна: „Секој ембрион, од моментот на зачнувањето, има ДНК и срцево чукање“.
Протопрезвитер Владимир Колосов од Вологодската област изјави: „Првиот декрет што го донесе Ленин — овој безбожен комунист кој жестоко ја мразеше Русија — беше одлука да се убиваат руските деца, да се дозволи абортусот. И почна да се лее крв.“
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Новосибирски Никодим ги повика жените кои извршиле абортус: „Целиот свој живот да го поминат во молитва за прошка и во помагање на напуштените деца“. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Нижегородски Георгиј истакнал дека новиот молебен ќе помогне „да се исцели гревот на убивањето на дете во мајчината утроба“, кој денес „доминира“ во животот на рускиот народ.
Во декември 2016 година, рускиот Свети Синод, исто така, го одобри текстот на посебен молебен на покајание за оние кои извршиле абортус.
