Претседателот на Синодскиот оддел за односи на Црквата со општеството и медиумите на Руската Православна Црква соопшти дека на заседанието на Светиот архијерејски синод кое се одржа на 12 март 2026 година во Патријаршиската и Синодска резиденција во Даниловиот манастир во Москва, под претседателство на Патријархот Кирил, е донесена одлука за основање руска православна парохија во Абу Даби (Обединети Арапски Емирати).
Членовите на Синодот го сослушаа извештајот подготвен од претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, митрополит Антониј Волоколамски. Според информациите што ги претстави раководителот на Одделот, верници што зборуваат руски јазик и живеат во Абу Даби се обратиле до црковното раководство на Руската Православна Црква со молба таму да се основа руска православна парохија.
Во писмо упатено до Патријархот Кирил од 17 јануари 2026 година, Блаженејшиот Антиохиски Патријарх Јован даде своја согласност за основање руска православна парохија во Абу Даби во јурисдикција на Антиохиска Православна Црква, како и за изградба на храм.
Имајќи ја предвид согласноста на Антиохискиот патријарх, Светиот Синод на Руската Православна Црква одлучи во Абу Даби да основа руска православна парохија посветена на Казанската икона на Пресвета Богородица. Пастирската грижа за новоформираната парохија, според одлуката на Синодот, му е доверена на архимандрит Александар (Заркешев), настојател на храмот на свети апостол Филип во Шарџа.
