Руската Задгранична Црква донесе правила за користење на социјалните медиуми

Источноамериканската епархија на Руската задгранична Православна Црква усвои „Политика за социјални медиуми и дигитално однесување“, документ со кој се утврдуваат насоки за користењето на дигиталните платформи од страна на свештенослужителите, црковните службеници и другите лица што служат во рамките на Епархијата.

Во воведното писмо до свештенството, објавено на 24 / 11 јули 2026 година, се истакнува дека социјалните медиуми станале составен дел од современиот живот, поради што свештенослужителите, како носители на јавна црковна служба, имаат посебна одговорност нивното однесување и во дигиталниот простор да биде во согласност со нивниот пастирски повик.

Документот нагласува дека неговата цел не е да го регулира приватниот живот или да воспоставува надзор, туку да понуди пастирски насоки за трезвено, мудро и одговорно користење на дигиталните медиуми. Особено се препорачува воздржаност во јавната комуникација, избегнување на интернет-расправи, почитување на доверливоста и намалување на времето поминато на социјалните мрежи, со цел поголемо внимание да се посветува на молитвата, парохискиот живот и личното општење.

Политиката исто така истакнува дека дигиталните медиуми можат да бидат корисно средство за комуникација и евангелизација, но не можат да го заменат светотаинскиот и литургискиот живот на Црквата. Во неа се наведува дека исповедта и духовното раководење, освен во исклучителни околности, треба да се извршуваат лично, а верниците да се упатуваат кон своите парохиски свештеници.

Во завршниот дел од документот се пропишува постапка за разгледување на случаи кога дигиталното однесување би можело да биде спротивно на утврдените начела, при што се нагласува дека целта на евентуалните мерки е пастирско исправување и зачувување на мирот во Црквата, а не казнување.

Неодамна, слични насоки донесе и Православната Црква во Америка, за што известивме.

Во продолжение го објавуваме преводот на документот од Руската задгранична Православна Црква.


ИСТОЧНОАМЕРИКАНСКА ЕПАРХИЈА
Руска Задгранична Православна Црква

Бр.: 07.18.26
11/24 јули 2026 година
Света рамноапостолна
голема кнегиња Олга

ДО СИТЕ ЕПАРХИСКИ СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИ

Возљубени во Господа, чесни отци,

Социјалните медиуми се насекаде околу нас и станаа составен дел од нашиот живот. Како свештенослужители и лица што извршуваат одговорни црковни служби, ние имаме поголема одговорност и повисоки критериуми според кои се оценува соодветноста на нашето однесување. Со цел да се постават одредени насоки и заштитни рамки, Источноамериканската епархија донесува Политика за социјални медиуми и дигитално однесување.

Времето што денес се поминува на интернет веќе претставува проблем за повеќето луѓе, дури и кога тоа се оправдува со пастирска работа. Православните свештенослужители и верници треба да се поттикнуваат да поминуваат повеќе време во лична, а не во виртуелна комуникација, да прават духовно и телесно добро надвор од виртуелниот свет и подалеку од своите уреди.

Оние што се ракоположени во свештенството, како и оние на кои им се доверени служби на одговорност или доверба во рамките на Епархијата, имаат постојана обврска да се однесуваат на начин што е во согласност со светиот повик што го примиле. Таа обврска не престанува да важи во дигиталниот или онлајн-просторот, каде што приватното изразување и јавното сведоштво често не можат да се разликуваат.

Ги повикуваме сите наши свештенослужители внимателно да се запознаат со начелата изложени во оваа Политика, да ги примат при срце и да ги исполнуваат. Политиката е задолжителна за сите епархиски свештенослужители (свештеници и ѓакони), како и за чтеците, ипоѓаконите, сите мирјани вработени и доброволци кога дејствуваат во име на Епархијата или на нејзините установи. Таа е исто така соодветна и за сите парохијани и може да биде корисна алатка за парохиски разговори, поуки и други видови општење. Во изработката на оваа Политика беше вложен долг и сериозен труд, со настојување нејзиниот тон да биде духовен и пастирски, а сега веруваме дека таа претставува здрава основа за поттикнување искрени и полезни разговори во нашите парохии и низ целата Епархија.

Со љубов во Христа,

† Николај, Митрополит на Источна Америка и Њујорк, Првојерарх на Руската Задгранична Црква

† Теодосиј, Епископ Менхетенски, епархиски викар
† Лука, Епископ Сиракуски, епархиски викар
† Михаил, Епископ Бостонски, епархиски викар


Политика за социјални медиуми и дигитално однесување

Цел и визија

Источноамериканската епархија на Руската Задгранична Православна Црква признава дека современите облици на дигитална комуникација станаа сеприсутни во секојдневниот живот и имаат силно влијание врз јавното мислење, личното однесување и црковното сведоштво. Иако овие технологии можат да служат за полезни цели, тие истовремено носат значителни духовни и пастирски ризици кога се користат без трезвеност и расудување.

Оние што се ракоположени во свештенството, како и оние на кои им се доверени служби на одговорност или доверба во рамките на Епархијата, имаат постојана обврска да се однесуваат на начин што е во согласност со светиот повик што го примиле. Оваа обврска не престанува да важи ниту во дигиталниот, ниту во онлајн-просторот, каде што приватното изразување и јавното сведоштво често не можат јасно да се разликуваат.

Целта на оваа Политика не е да го регулира законскиот приватен живот, ниту да воспоставува наметлив надзор, туку да понуди пастирско раководство и разумен совет. Нејзината намера е да им помогне на свештенослужителите, вработените и доброволците да покажуваат воздржаност, будност и мудрост во своето дигитално однесување, со што ќе се заштитат себеси, верните и доброто име на Црквата.

Визијата што стои во основата на оваа Политика е доброволна послушност, пастирска одговорност и заедничка грижа, остварувани во смирение и љубов кон Црквата, така што секое дигитално однесување да биде во согласност со спасителната мисија, учењето и живото Предание на православниот христијански живот.

Оваа Политика е задолжителна за сите епархиски свештенослужители. Таа е задолжителна и за чтеците, ипоѓаконите, како и за сите мирјани вработени и доброволци кога дејствуваат во име на Епархијата или на нејзините установи.

Дефиниции

Црква: Источноамериканската епархија на Руската Задгранична Православна Црква и нејзините канонски установи.

Свештенослужители: епископи, свештеници и ѓакони, канонски ракоположени и кои служат во рамките на Епархијата.

Ниски чинови: чтеци и ипоѓакони.

Вработени и доброволци: мирјани на кои им е доверена служба или одговорност во име на Епархијата или на нејзините установи.

Положби на одговорност или јавна доверба: служби при кои однесувањето на лицето разумно може да се сфати како претставување на Црквата или како нешто што се одразува врз неа.

Дигитална комуникација: секоја комуникација што се пренесува или чува по електронски пат, вклучително пораки, повици, објави, фотографии, аудио и видео-содржини.

Социјални медиуми: дигитални платформи што овозможуваат јавно или полујавно споделување и меѓусебна комуникација.

Јавно достапна содржина: секоја содржина што разумно може да биде распространета надвор од кругот на првично предвидената публика.

Приватна комуникација: комуникација наменета за ограничен број приматели, но која не треба да се смета за сигурно заштитена.

Соблазна: однесување што станува повод за забуна, искушение или ослабување на верата.

Јавно сведоштво: начинот на кој нечие однесување се одразува врз Црквата и нејзиното учење.

Манипулирана или фабрикувана содржина: изменет или вештачки создаден дигитален материјал што се претставува на измамен начин.

Пастирска одговорност: црковен одговор насочен кон духовно раководење, исправување и обновување.

Основни начела за дигиталното однесување

Свештенослужителите и сите што ѝ служат на Црквата треба да се однесуваат на интернет со трезвеност, достоинство и будност, имајќи предвид дека ракополагањето и црковната служба носат постојана јавна одговорност.

Дигиталното однесување треба да го чува јавното сведоштво на Црквата, да избегнува соблазан и да покажува воздржаност во личното претставување. Комуникацијата треба да биде одмерена, мирољубива и насочена кон духовна полза, а не кон расправии.

Треба да се избегнуваат претераната неформалност, непромисленото зборување и прекумерното откривање лични информации, особено таму каде што контекстот може да се изгуби или погрешно да се разбере. Молчењето и воздржаноста често се подобри од јавното вклучување во непријателски или провокативни средини.

Сите овие насоки се даваат во дух на доброволна послушност и пастирска грижа.

„Смирението е придружено со скромност и прибраност: целомудрие на сетилата, умереност во говорот, непривлечно држење на погледот и сокриено срце. Смирениот човек не бара да биде виден или пофален, туку секое добро Му го принесува на Бога.“ — Св. Исак Сирин

Свесност за ризиците и заштитни практики

Сегашното време се одликува со леснотија на комуникацијата, но и со леснотија на искривувањето на информациите. Дигиталната комуникација не треба да се смета за приватна. Зборовите и сликите можат да бидат снимени, изменети или објавени без согласност.

Комуникацијата во групи носи заедничка одговорност и ранливост. Материјалите што се споделуваат во такви средини треба да бидат ограничени на она што човек не би жалел доколку биде пошироко објавено.

Современите технологии овозможуваат создавање и манипулирање со дигитални содржини. На содржините со неизвесно потекло, како и на оние што изгледаат сензационалистички или поттикнуваат раздор, треба да им се пристапува со претпазливост и расудување.

Анонимните и кавгаџиски интернет-форуми ретко придонесуваат за мир или духовна полза. На свештенослужителите и на сите што ѝ служат на Црквата им се советува да се воздржуваат од јавни расправии на интернет.

И свештенослужителите и верниците треба свесно да работат на намалување на времето што го поминуваат на социјалните медиуми и другите дигитални платформи, чувајќи се од прекумерна или навикната употреба што го одвлекува вниманието од молитвата, семејниот живот, пастирските должности, делата на милосрдието и личното заедништво лице в лице.

Особена грижа треба да се посвети на избегнување облици на дигитална содржина што се создадени со цел постојано да го задржуваат вниманието, да поттикнуваат непромислени реакции или да развиваат нездрава зависност.

Лагата, гласините и обвинувањата ретко се исправуваат преку дигитална комуникација. Кога е потребно, таквите прашања треба да се решаваат преку соодветните црковни канали или со воздржаност и молчење.

Прекумерното откривање лични информации ги нарушува пастирските граници и ја замаглува разликата меѓу личното изразување и јавното сведоштво. Не смее да се откриваат доверливи информации што се однесуваат на други лица.

Дигиталното изразување треба да се врши под сопственото име и со сопствениот глас, без лажно претставување или прикривање на идентитетот. Ниту еден свештенослужител или друго лице што извршува црковна служба не смее своите лични ставови да ги претставува како ставови на Црквата или на Епархијата, освен ако за тоа нема изречно овластување. Во исто време, свештенослужителите треба секогаш да имаат предвид дека нивното јавно однесување и нивните јавни изјави можат да бидат сфатени како одраз на Црквата и нејзината служба, па дури и како глас на самата Црква.

„Јазикот е мал дел од телото, но може длабоко да рани; а оној што сака да ги лекува душите, најнапред мора да го пази својот говор, за со непромислени зборови да не го растури она што бил повикан да го собира.“ — Св. Јован Златоуст

Оние што ги носат ниските чинови се издвоени за определени богослужбени служби и затоа треба да покажуваат смирение и разумност при јавната употреба на црковните титули, одежди и другите ознаки што се поврзани со тие служби. Надвор од богослужбениот контекст или официјалните црковни соопштенија, не треба да се користат титулите чтец или ипоѓакон. Јавните изјави и интернет-активноста на лицата во ниските чинови се сметаат за лични, освен ако тие не се изречно овластени од надлежната црковна власт. Затоа тие не треба да користат свештенички одежди, богослужбени титули или сродни ознаки во своите интернет-профили или комуникации.

Зборовите, фотографиите и другите материјали што им припаѓаат на други лица треба да се третираат со почит и да не се споделуваат без соодветна согласност.

Кога постои сомнеж околу тоа што претставува соодветно дигитално однесување, барањето совет од црковната власт е израз на мудрост и послушност.

Будноста во дигиталното однесување придонесува за мирот, ја избегнува соблазната и го чува сведоштвото на Црквата.

Пастирска грижа во дигиталниот простор

Дигиталните медиуми можат да послужат како корисно средство за комуникација, поучување и почетна евангелизација, но тие не се замена за живиот светотаински живот на Црквата. Редовното пастирско служење се остварува во парохијата преку богослужението, Исповедта, духовното раководење и учеството во Светите Тајни. Затоа свештенослужителите треба да ги користат дигиталните средства пред сè за да ги покануваат и упатуваат луѓето кон животот на парохијата, а не за да создаваат трајни пастирски односи преку интернет. Освен во исклучителни околности, Исповедта и трајното духовно раководење треба да се одвиваат лично. Свештенослужителите, по правило, треба да ги поттикнуваат оние што бараат духовно раководење да воспостават и одржуваат однос со својот локален парохиски свештеник.

Основниот израз на православниот живот се остварува во физичкиот свет во кој се воплоти нашиот Господ: верникот учествува во Светите Тајни и во богослужбите на својата парохија. Дигиталната ера отвори нов простор за пастирска грижа и евангелизација, но таа не може, ниту смее, да го замени парохискиот живот.

Духовникот на верникот треба да биде неговиот парохиски свештеник. Во одредени околности, како на пример кога парохијанин размислува за монашки повик, парохискиот свештеник може да благослови тој почесто да посетува манастир за Исповед. Исповедта и духовното советување треба да се извршуваат лично. Монасите во вакви случаи, како и сите свештенослужители воопшто, не треба да прифаќаат духовни чеда на далечина, туку треба да ги упатуваат кај нивниот локален парохиски свештеник за Исповед. Односите со духовни чеда што се одржуваат исклучиво на далечина не се одржливи и треба да се обесхрабруваат.

„Суетната слава е почеток на гордоста; а кога гордоста ќе се зацари во срцето, го заслепува умот и ја оддалечува душата од мирот.“ — Св. Јован Лествичник

Пастирска одговорност и постапување

Прашањата што произлегуваат од нечие дигитално однесување треба да се разгледуваат на пастирски и црковен начин, во согласност со учењето, дисциплината и духот на Православната Црква. Целта на одговорноста не е казнување, туку духовно раководење, исправување и обновување.

Оваа Политика не е наменета да поттикнува неформално следење, идеолошки надзор или пријавување несогласувања што произлегуваат од добронамерно пастирско расудување. Загриженост треба да се изразува само тогаш кога однесувањето разумно изгледа дека не е во согласност со стандардите изложени овде или кога постои опасност да бидат нарушени сведоштвото, мирот или добриот поредок на Црквата.

Кога ќе се појави загриженост во врска со дигиталното однесување на свештенослужители или на лица што вршат одговорни црковни служби, таквите прашања треба непосредно да му се достават на надлежниот црковен авторитет. Треба да се избегнуваат јавното обвинување и расправите на интернет.

Оние што вршат црковен надзор треба да постапуваат со расудување и пастирска грижа, земајќи ги предвид околностите и последиците од конкретното однесување.

Прашањата што бараат формално разгледување или корективни мерки ќе се решаваат во согласност со Прилогот: Одговорност и спроведување, кој претставува составен дел од оваа Политика.

На сите им се напомнува дека доброволно принесената послушност и смирението при прифаќањето исправување му служат на мирот на Црквата и на спасението на душите.

„Послушноста ја отсекува самоволјата и ја чува душата од прелест; преку послушноста човекот се заштитува од замките на сопственото расудување.“ — Св. Игнатиј Брјанчанинов


Прилог: Одговорност и спроведување

А. Однесување што не е во согласност со оваа Политика

Однесување што може да бара разгледување вклучува, но не е ограничено на следново:

  • јавни изјави или дигитални содржини што се во спротивност со учењето на Православната Црква;
  • дигитални комуникации што предизвикуваат соблазан, забуна или поделби меѓу верните;
  • откривање доверливи пастирски или административни информации;
  • интернет-однесување што не му прилега на свештенослужител или на лице што извршува одговорна црковна служба;
  • јавно вклучување во партиски политички спорови или во поделбени геополитички полемики на начин што отуѓува дел од верните или ја нарушува пастирската неутралност на Црквата;
  • претставување лични ставови како официјални ставови на Епархијата без соодветно овластување;
  • повторено одбивање да се почитуваат насоките изложени во оваа Политика.

Ништо во оваа Политика не треба да се толкува како забрана свештенослужителите да поучуваат, проповедаат или зборуваат за прашања од верата, моралот, општествената загриженост или пастирската одговорност, сè додека тоа е во согласност со православното учење, пастирската одговорност и упатствата на надлежната црковна власт.

Самото несогласување, личната навреденост, политичкото незадоволство или непријатноста што произлегува од верното пастирско поучување сами по себе не треба да се сметаат за соблазан, ниту да претставуваат прекршување на оваа Политика.

Дали некое однесување е несоодветно согласно оваа Политика, одлучува надлежната црковна власт.

Б. Постапка за разгледување и епископски надзор

  1. Секоја загриженост треба да му биде доставена на надлежниот парохиски настојател.
  2. Настојателот без одложување ќе го извести секретарот на Епархиската управа.
  3. Кога тоа е оправдано, предметот ќе му биде поднесен на надлежниот епархиски архијереј.
  4. Надлежниот епархиски архијереј ќе ги определи соодветните пастирски насоки или корективни мерки.

Сите фази од оваа постапка треба да се спроведуваат дискретно и со должно внимание кон угледот и црковниот поредок.

„Таму каде што има расправија, ретко има мир; најнапред барај го Христовиот мир, а расправата остави ја зад себе.“ — Св. Амвросиј Оптински

В. Исходи и црковни последици

Целта на корективните мерки е исправување и зачувување на мирот.

Мирјаните вработени, доброволците или лицата што ги носат ниските чинови, доколку не ги почитуваат епископските упатства издадени врз основа на оваа Политика, можат да бидат разрешени од своите црковни должности или нивната служба може да биде прекината.

Свештенослужителите што одбиваат да ги исполнуваат законските наредби на надлежниот епархиски архијереј во врска со дигиталното однесување, пројавуваат непослушност кон црковната власт и можат да бидат подложени на соодветни канонски дисциплински мерки, во согласност со дисциплината на Руската задгранична Православна Црква.

За одлуките донесени согласно овој Прилог не е предвидена жалбена постапка во рамките на Епархијата.

Извор: https://synod.com/synod/eng2026/20260729_ensocmedpol.html