Заседанието на Светиот архијерејски Синод на Руската Задгранична Православна Црква се одржа на 15 септември под претседателство на претстоителот на оваа Црква, митрополитот Источноамерикански и Њујоршки Николај. Помеѓу останатите теми, архијереите посветија внимание на планираното доделување на одликување на Украинскиот претседател Владимир Зеленски, кое е предвидено да се случи на добротворната вечера „Светилник на надежта“, на 26 септември во Њујорк, во организација е заедницата при храмот „Св. Никола“ на Цариградската патријаршија.
Во врска со ова, во извештајот од заседанието се вели:
„Архијерејскиот Синод обрна внимание на соблазната меѓу православните во САД, предизвикана од претстојното доделување на наградата на еден државник кој активно ја прогонува Христовата Црква и нејзините верни. Во врска со тоа, Архијерејскиот Синод на Руската Задгранична Црква ги моли своите чеда да ги засилат молитвите за утврдување на верата на православните христијани, како што е предвидено да се молиме на крајот од Утрената. А за гонителите на Христовата Црква и Божјиот народ, пророкот одамна рекол: ‘Го видов грешникот како се возвишува како кедар ливански, па поминав, и ете, го немаше, и не се најде местото негово’ (Пс. 36, 35-36). Токму така ќе се избрише споменот за беззакониците од срцата на луѓето, а Христовата Црква ќе се утврди довека“, истакнаа членовите на Светиот Синод.
Причината за соблазната е активниот прогон на Украинската Православна Црква, од страна на државните власти под претседателство на Зеленски. Во текот на последните години, свештенослужители и верници на Украинската Црква се соочуваат со претреси, кривични постапки, ограничувања во користењето на храмовите и конфликти околу црковниот имот. Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите Нации за човекови права претходно регистрирала случаи на напади врз храмови на Украинската Православна Црква и заплашување на свештенството и верниците.
Во 2024 година во Украина стапија во сила законски одредби со кои се предвидуваат ограничувања за верските организации што властите ги сметаат за поврзани со руските верски структури. Од Обединетите Нации изјавија дека овие норми може непропорционално да ја ограничат слободата на вероисповедта и повикаа законодавството да се усогласи со меѓународните норми во областа на човековите права.
Извор: https://www.synod.com/synod/2026/20260918_synodcommunique.html
