На својата неодамнешна седница во Минхен, Архијерејскиот Собор на Руската задгранична Православна Црква одлучи да ги започне првите чекори кон можна канонизација на неколку свети личности од Задграничната Црква, меѓу кои и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Филарет (Вознесенски).
За време на истата седница, архиереите ги разгледаа претходно подготвените материјали за животот и наследството на јеромонахот Серафим (Роуз) и донесоа одлука за негова канонизација, како и за започнување подготовки за негово литургиско прославување.
Според соопштението што ја сумира работата на Соборот, во понеделник, на 4 мај, архиереите го сослушале извештајот на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Марко Берлински, со наслов: „За одредени светители што ги сретнав во текот на мојот живот: кон отворање соборна дискусија за прославувањето на благочестивите подвижници на Руската Задгранична Црква, кои го олицетворуваат нејзиниот дух и наследство.“
Потоа следувала дискусија за различни личности, по што архиереите одлучиле да им ја доверат задачата за подготовка на материјали за Митрополитот Филарет (Вознесенски), Архиепископот Тихон (Троицки) и низа други благочестиви личности почитувани во дијаспората, на Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Кирил Санфранциски и на Неговото Преосвештенство Епископот Лука Сиракузки.
Материјалите треба да бидат доставени на разгледување до Синодот до крајот на годината.
Митрополитот Филарет (Вознесенски) служеше како Претстоител на Руската задгранична Правосланва Црква од 1964 до 1985 година. Неговите нетлени мошти се наоѓаат во крипта под Соборниот храм „Света Троица“ при Манастирот „Света Троица“ во Џорданвил, Њујорк.
Архиепископот Тихон (Троицки) бил непосреден претходник на Свети Јован (Максимович) во Епархијата на Сан Франциско.
Се претпоставува дека меѓу другите почитувани личности е и брат Хозе Муњоз-Кортес, чуварот на мироточивата Монтреалска Иверска икона на Пресвета Богородица, кој беше маченички убиен во Атина во 1997 година. Во интервју од есента 2024 година, Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Гаврил Монтреалски спомена дека меѓу епископите веќе започнале разговори за канонизација на брат Хозе, покрај Митрополитот Филарет и отец Серафим (Роуз). Всушност, уште во 2017 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Иларион, тогашен поглавар на Руската задгранична Црква, извести дека била формирана комисија за испитување на можноста за канонизација на брат Хозе.

