Православната црква „Св. Јован Шангајски” во Белфаст, при Руската задгранична православна црква свечено го прослави празникот на Откривањето на моштите на својот небесен покровител светиот Јован Шангајски и Битолски, во текот на изминатиот викенд.
Оваа година, радоста на празникот беше зголемена со масовно крштевање во Ирско Море во навечерието на празникот во петок вечерта, известува црквата.
Вкупно 11 луѓе беа крстени: Ејдан, Адомнан, Ашер, Бенџамин, Лука, Натан, Петар, Софрониј, Ана, Елена и Ирена. Чинот на Светото просветлување беше извршен од парохискиот свештеник отец Џастин Вен и отец Роберт Вилијамс од храмот „Св. Патрик” во Клифден, исто така дел од Руската задгранична православна црква.
По крштевањата следуваше вечерна служба и вечера.
Следниот ден, отците Џастин и Роберт ја отслужија Божествената Литургија за празникот на Св. Јован.
„Му благодариме на семоќниот Бог за новопросветлените и за многуте благослови кои ѝ се дарувани на нашата парохија, преку молитвите на нашиот заштитник, свети Јован”, пишува црквата.