Архимандрит Роман, раководител на Црковната мисија во Ерусалим на Руската задгранична Православна Црква, апелира за продолжена финансиска поддршка, откако ракетни удари и напади со дронови повторно го нарушија животот во манастирите и имотите на мисијата во Светата Земја – известува рускиот црковен портал „Православие“.
Во итен апел објавен од Фондот за помош на Руската задгранична Православна Црква, архимандрит Роман опишува како првата седмица од Великиот пост била прекината од сирени за воздушна тревога и експлозии. „На Тодорова сабота, за време на Божествената Литургија, непосредно пред моментот на светата причест, молитвената тишина на тој миг беше прекината од продорниот звук на сирените за воздушна тревога“, пишува тој. „Верниците останаа во храмот додека јасно се слушаше бучавата од експлозиите.“
Тој забележува дека ваквите инциденти оттогаш станале секојдневна реалност. Израелските ракети-пресретнувачи уништуваат поголем дел од доаѓачките ракети, иако експлозиите се доволно силни за да ги потресат зградите.
Парчиња шрапнел од пресретнатите ракети паднале и на имотот на мисијата, пишува отец Роман.
„Секако, ние ја прифаќаме оваа опасна ситуација како нешто што Бог го допушта поради нашите гревови и се молиме непријателствата наскоро да завршат“, пишува отец Роман.
Архимандритот исто така го спомнува и поширокото влијание врз дејноста на мисијата. Аеродромите повторно се затворени и сите летови кон и од Израел се откажани. Тој се надевал дека зголемувањето на бројот на поклоници во месецот пред Великиот пост означува враќање на стабилноста по годините на нарушувања предизвикани од пандемијата и конфликтите во Газа и Украина, но вели дека таа надеж не се остварила. „Дури и ако наскоро се постигне мир, поклониците извесно време ќе се воздржуваат од доаѓање“, пишува тој.
Повикувајќи се на великопосниот повик кон милостиња, отец Роман го цитира Посниот Триод: „Да им дадеме леб на оние што имаат потреба и да Му се приближиме на Христа, викајќи во покајание: Боже наш, помилуј нѐ.“
Извор: https://fundforassistance.org/news/433/urgent-appeal-from-fr-roman-in-jerusalem/ преку: https://orthochristian.com/176163.html
