Архијерејскиот Синод на Руската задгранична Православна Црква (РПЦЗ) основаше нов рускојазичен богословски институт и духовна семинарија (средно богословско училиште) во Европа. Новата духовна институција ќе започне со работа есента 2027 година, а подготвителните часови по руски јазик со богословска насока ќе започнат во септември 2026 година. Ова го соопштува Сојузот на православни новинари во Германија.
Работата на институтот ќе ја организираат две европски епархии на РПЦЗ – Германската и Великобританската и западноевропска. Новиот духовен центар ќе ја дополни програмата на традиционалната англојазична духовна семинарија во Џорданвил (САД) и ќе понуди богословски програми, како за идни свештеници, така и за лаици. Новата образовна институција ќе биде посветена на споменот на свети Јован Шангајски и Санфранциски.
Подготвителната јазична програма ќе започне во септември 2026 година во онлајн-формат на платформата „Зум“. Организаторите ги покануваат слушателите со нивоа на познавање на јазикот А1, А2 и Б1 да ги изучуваат основите на рускиот јазик со акцент на богословската терминологија.
Германската епархија на РПЦЗ, исто така, им препорачува на верниците да обрнат внимание на православното одделение при Универзитетот во Минхен и на Православната богословска школа за настава на далечина, која работи со благослов на архиепископот Рузски Тихон. Архијереите на двете рускојазични православни епархии во Германија постојано ги координираат своите напори за планско проширување на можностите за богословско образование во регионот.
Покровителот на институтот, свети Јован Шангајски, извршувал архипастирска служба во Шангај, во Западна Европа и во Сан Франциско, прославувајќи се со аскетски живот, застапништво за бегалците, помош за сираците и со многубројни чуда. Архијерејскиот Синод на РПЦЗ го канонизираше за светител во 1994 година.
Извор: https://spzh.eu/ru/news/94842-rptsz-uchredila-novyj-russkojazychnyj-bohoslovskij-institut-v-evrope
