Руската задгранична Православна Црква отпочна подготовки за можна канонизација на отец Серафим (Роуз)

Од 9 до 11 декември, во Синодската резиденција на Руската Задгранична Црква во Њујорк, се одржа последното овогодишно заседание на Архијерејскиот Синод на Руската Задгранична Црква. На заседанието, кое се одржа под претседателство на митрополитот Источно-Американски и Њујоршки Николај, учествуваа митрополитот Берлински и Германски Марко, архиепископите Сан-Франциски и Западно-Американски Кирил и Монтреалски и Канадски Гавриил, епископите Лондонски и Западно-Европски Иринеј, Сиетлски Теодосиј, Сиракузски Лука и Штутгартски Јов.

Помеѓу останатите прашања што беа разгледувани на седницата, архијерејскиот Синод основаше комисија за проучување на животот, наследството и почитувањето на јеромонахот Серафим (Роуз), на чие чело беше поставен епископот Сонорски Јаков, викар на Западно-Американската епархија.

Од останатите теми, особено внимание беше посветено на прашањата за пополнување на епископатот и подготовката на претстојниот Архијерејски Собор, кој треба да се одржи во Минхен од 29 април до 5 мај 2026 година, кога ќе се одржат свечености по повод 100-годишнината од Германската епархија. Во врска со тоа, по завршувањето на дејствијата на Архијерејскиот Собор, во машкиот манастир на преподобниот Јов, игумен и чудотворец Почаевски, ќе биде отворена јубилејна црковно-научна конференција.

Во среда, 10 декември, на празникот на Корено-Курската икона на Пресвета Богородица „Знамение“, Високопреосвештениот митрополит Источно-Американски и Њујоршки Николај, Првојерарх на Руската Задгранична Црква, ја предводеше Божествената литургија во храмот „Знамение“. На неговото Високопреосвештенство му сослужуваа Преосвештените членови на Архијерејскиот Синод, митрополитот Северно-Американски Сава од Антиохиската Патријаршија, епископот Вашингтонско-Њујоршки и Источно-Американски Иринеј од Српската Православна Црква, епископот Левкиски Климент од Бугарската Православна Црква, Преосвештениот епископ Јероним (Шо), претставници на низа помесни Православни Цркви, свештенството на Источно-Американската епархија и гости во свештен чин. Богослужбата се извршуваше на црковнословенски, англиски, арапски, српски и романски јазик. На средината на храмот беше положена главната светиња на Руската задгранична Црква – Курската икона на Пресвета Богородица, пред која се поклонија бројни верници.

Извор: https://synod.com/synod/2025/20251211_synodfeast.html