На 18 мај 2025 година, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Митрополитот Волоколамски Антониј, во рамките на својата посета на Либан, учествуваше во свеченостите по повод големото осветување на храмот посветен на иконата на Пресвета Богородица „Ненадејна Радост“ во градот Захле.
Новоподигнатиот храм е изграден во руски архитектонски стил по иницијатива на претставникот на Антиохискиот Патријарх при Московскиот патријаршиски престол – Митрополитот Филипополски Нифон, во неговиот роден град. Градежните работи се одвиваа во периодот од 2019 до 2024 година, со финансиска поддршка од Фондот за поддршка на христијанската култура и наследство и од приватни добротвори.
На свечената богослужба, заедно со митрополитот Волоколамски Антониј, учествуваа и архијереите од Антиохиската Патријаршија и Руската Православна Црква: Митрополитот Захлејски и Баалбечки Антониј, Митрополитот Филипополски Нифон, Митрополитот Тирски и Сидонски Илија, Митрополитот на Планински Либан Силуан, Митрополитот Волгоградски и Камишински Теодор и Митрополитот Чељабински и Миаски Алексиј.
Архипастирите на двете сестрински Цркви, заедно со бројно свештенство, го извршија чинот на големото осветување и отслужија Божествена Литургија во новоосветениот храм.
Молитвословијата се изведуваа на арапски, грчки и црковнословенски јазик.
На богослужбата присуствуваа: заменикот на премиерот на Либанската Република – Т. Митриј, заменик-претседателот на либанскиот парламент – И. Бу Сааб, Вонредниот и Ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Либан – А. Н. Рудаков, Вонредниот и Ополномоштен амбасадор на Словачка во Либан – М. Франко, претседателот на Надзорниот одбор на Фондот на апостолот Андреј Првоповикан – В. И. Јакунин, извршниот директор на Фондот за поддршка на христијанската култура и наследство – Е. И. Скопенко, претставници на муслиманската заедница и други христијански деноминации, како и бројни јавни и политички личности од Либан.
По завршувањето на богослужбата, присутните топло ги поздрави митрополитот Захлејски и Баалбечки Антониј.
Потоа збор зеде Митрополитот Волоколамски Антониј. Владиката го пренесе топлиот поздрав од Неговата Светост, Патријархот Московски и на сета Рус Кирил, на сите учесници во свеченоста. Тој исто така нагласи дека денес се исполни долгогодишниот сон на митрополитот Филипополски Нифон – да изгради храм во руски стил на својата татковина, и сега тој новоизграден храм сјае со своите златни куполи. Руската Православна Црква со радост помогна во остварувањето на овој замислен проект, бидејќи митрополитот Нифон веќе 48 години достоинствено ја извршува својата служба како претставник на Антиохиската Патријаршија во Москва и таму ужива голема почит и углед. Митрополитот Нифон ја засака Русија и Руската Православна Црква исто толку силно и искрено како и својата родна земја. Митрополитот Антониј подвлече дека издигнатиот храм е видлив симбол на таа љубов, а неговото осветување има огромно значење не само за Захле и Либан, туку и за односите меѓу Антиохиската и Московската Патријаршија.
Потоа митрополитот Волоколамски Антониј му врачи на митрополитот Нифон високо црковно одликување – орден на преподобниот Андреј Иконописец, II степен, кое му беше доделено во знак на признание за неговите трудови околу изградбата на храмот посветен на иконата на Пресвета Богородица „Ненадејна Радост“ во градот Захле и по повод неговиот 65-годишен јубилеј во црковната служба. Како спомен на осветувањето, митрополитот Антониј подари на храмот напрестолен крст, а на митрополитот Нифон – света Панагија.
Потоа збор зеде митрополитот Нифон, кој изрази длабока благодарност до Неговата Светост Патријархот Кирил, истакнувајќи дека го чувствува неговото присуство преку неговиот претставник – митрополитот Волоколамски Антониј, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски, како и преку присуството на браќата-архијереи од Руската Православна Црква.
Потоа беа доделени Патријаршиски одликувања на добротворите кои дале придонес за изградбата на храмот.
Исто така беше осветен музејот кој се наоѓа во рамките на храмот, по што учесниците на богослужбата беа поканети од митрополитот Филипополски Нифон на свечен ручек.













