Неговата Светост Патријарх Московски и на сета Рус г.г. Кирил му упати честитка на Неговот Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован, по повод годишнината од неговата интронизација, како и по повод 30-годишнината од неговата архијерејска хиротонија и 70-годишнината од неговото раѓање – известува интернет страницата на Московската Патријаршија. Ова писмо во продолжение го објавуваме интегрално.
До Неговото Блаженство,
Блаженејшиот Јован Десетти,
Патријарх на Велика Антиохија и целиот ИстокВаше Блаженство, возљубен во Господа Брате и Сослужител пред Божјиот Престол!
Од сè срце Ви честитам по повод годишнината од Вашата Патријаршиска интронизација, како и по повод значајните јубилеи што ги одбележувате оваа година – 30 години од Вашата архијерејска хиротонија и 70 години од Вашето раѓање.
Светиот Синод на Антиохиската Православна Црква Ве избра за Патријарх на древниот престол, доверувајќи Ви ја грижата за судбината на Православието во земјата осветена со подвизите на првоврховните апостоли Петар и Павле и другите големи угодници Христови. Со долгогодишното Ваше архипастирско, а потоа и претстојателско служење, ја освоивте искрената љубов и почитта на Вашите браќа-епископи, клирот и паствата на Вашата Света Црква, со примерот на сопствениот живот поучувајќи ги верните да принесуваат плод во секое добро дело и да растат во познанието на Бога (Кол. 1, 10).
Во овие тешки времиња што ги преживува многустрадалниот сириски народ, Вие се покажувате како добар пастир и љубовен татко на Вашето духовно паство, вложувајќи многу труд во заштитата на христијанското присуство на благословената сириска земја. Сакам искрено да Ве уверам, Ваше Блаженство, дека секогаш можете да сметате на братската поддршка од Руската Православна Црква.
Во овој свечен ден, молитвено Ви посакувам цврсто здравје, духовна радост, изобилна Божја помош и толку посакуваниот мир за Светата Антиохиска Црква што Ви е доверена на грижа.
Со братска љубов во Христа,
+Кирил,
Патријарх Московски и на сета Рус