Рускиот и Српскиот Патријарх отслужија света Литургија во Троице-сергиевата Лавра

На 25 април 2025 година, на денот кога Црквата го празнува споменот на иконата на Пресвета Богородица „Живоносен Извор“, Неговата Светост Патријархот на Москва и сета Рус г.г. Кирил и Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј отслужија Света Литургија во Успенскиот храм на Троице-сергиевата Лавра, во градот Сергиев Посад, недалеку од Москва.

Патријархот Кирил во своето обраќање до Патријархот Порфириј, на крајот на богослужбата, рече: „Ви благодарам, Ваша Светост, за Вашата посета и за заедничката молитва преку која уште подлабоко ја чувствуваме сродноста на нашите народи и Цркви. Историскиот пат не е лесен, но ние сме повикани да ја чуваме нашата вера и канонското единство. Односите меѓу нашите Цркви нека бидат пример за целиот православен свет. Ве молам, пренесете му ја мојата љубов и благословите на побожниот српски народ! Бог да ве чува!“

Потоа, Патријархот Порфириј им се обрати на присутните со воскресенскиот поздрав „Христос воскресе!“ и истакна:  „Воскресението е победа на Господ, но и наша победа преку верата. Меѓутоа, нема Воскресение без Крст. Само Христовиот Крст, православниот Крст, води до Воскресение.“

Поглаварот на Руската Црква му го врачи на Српскиот Патријарх Порфириј орденот на рамноапостолниот кнез Владимир

По завршувањето на Божествената Литургија, Патријарсите, заедно со нивната придружба, го посетија храмот „Света Троица“ во манастирот, каде што се чува кивотот со моштите на преподобниот Сергиј Радонешки и иконата на Света Троица, насликана од преподобниот Андреј Рубљов. Таму, поглаварите на Руската и Српската Православна Црква отслужија славословие, и се поклонија пред светињите.

Потоа, во Престолната сала во Лаврата, Неговата Светост, Патријархот Московски, претседаваше со свеченоста на врачување ордени од Руската Православна Црква на поглаварот и епископот на Српската Православна Црква.

Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на односите помеѓу Руската и Српската Православна Црква, Неговата Светост, Архиепископот Пеќки, Митрополитот Белградско-Карловачки, Патријархот Српски Порфириј, беше одликуван со Орденот на рамноапостолниот кнез Владимир од прв степен.

Исто така, Неговата Светост Патријархот Кирил, во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на односите меѓу двете цркви, му го врачи Орденот на Слава и Чест од втор степен на Архиепископот Новосадски и Митрополитот Бачки Иринеј.

На Патријархот Порфириј му беше доделен почесен докторат од Московската духовна академија

Подоцна истиот ден, во свечената сала на Московската духовна академија во Лаврата се одржа свечено доделување почесен докторат на Неговата Светост, Српскиот Патријарх г.г. Порфириј.

Во присуство на Патријархот Московски г. Кирил, свеченоста ја отвори ректорот на Московската духовна академија, Преосвештениот Епископ Сергиевопосадски и Дмитровски г.г. Кирил, кој истакна: „Во современиот свет, кога умот и срцето на човекот се постојано изложени на информативни напади, често антихристијански по својата содржина, религиозната богословска мисла и во Русија и во Србија се обновува за доброто на нашите народи, кои се обединети со илјадагодишна историја и го чуваат споменот на своите предци. И руските и српските студенти на богословските школи се повикани да му ја пренесат на современиот човек најдлабоката вистина на христијанскиот морал, почитувањето на црковните тајни и важноста на исполнувањето на Христовите заповеди.“ 

Потоа следеше свеченото објавување на одлуката за доделување на академската титула почесен доктор по богословие на Српскиот Патријарх Порфириј, „за неговиот признат научен и образовен придонес во развојот на богословската наука и за јакнењето на врските помеѓу Руската и Српската Православна Црква“. Дипломата за стекнатата академска титула му ја врачи Неговата Светост, Патријархот Московски Кирил.

„Со длабока почит, благодарност и смирение ја примам оваа исклучителна чест — почесниот докторат што ми го доделува во православната вселена познатата и почитувана Московска духовна академија при Свето-Троицката Сергиева лавра. Ова признание го доживувам како една од најзначајните етапи во мојот долгогодишен богословски и научноистражувачки труд, како и во мојата педагошка и просветна служба“, изјави Патријархот Порфириј.

Извор: https://www.patriarchia.ru/db/text/6207134.html