Рускиот Патријарх изрази сочувство за цивилните жртви во Херсон

Како резултат на напад на украински беспилотни летала во новогодишната ноќ врз кафетерија и хотел во населбата Хорли, во Херсонска област, загинаа повеќе од 24 лица, а десетици беа повредени, меѓу кои има и деца. 2 и 3 јануари во Херсонската област се прогласени за денови на жалост.

Сочувство до гувернерот на Херсонската област и до роднините и блиските на загинатите и повредените, изрази Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил.

„Со длабока болка во срцето дознав за трагичните настани што се случија во населбата Хорли, Херсонска област, каде што како резултат на целенасочен напад со беспилотни летала врз кафетерија и хотел загинаа и беа повредени многу цивили“ – се вели во посланието – „Особено поразителни се жестокоста и цинизмот со кои е извршен овој терористички чин: нападот бил изведен по претходно извидување и во празнично време, кога во објектите се наоѓале голем број цивили.“

„Ваквите дејства не можат да имаат ниту оправдување, ниту разумно објаснување и претставуваат тешко злосторство против човечкиот живот, газење на моралните темели врз кои почива човечкото општество“ – изјави Неговата Светост.

Во обраќањето до епископот Скадовски и Алешкински Филарет, Претстојателот на Руската Православна Црква го повика свештенството на Скадовската епархија „да укаже неопходна пастирска помош и духовна поддршка на сите што ги допрела оваа тага“.

Како што соопштува телеграм-каналот на Скадовската епархија, епископот Филарет и свештенослужителите на Скадовската епархија ги посетиле здравствените установи во кои биле згрижени повредените од нападот со беспилотни летала. Свештенослужителите, монасите и мирјаните на Скадовската епархија ќе пружаат духовна и хуманитарна поддршка на настраданите и на нивните блиски – се вели во известувањето од Московската Патријаршија.

Извор: https://www.patriarchia.ru/article/119113