Вечерта на 18 август, во пресрет на празникот Преображение на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, Светејшиот патријарх московски и на сета Рус Кирил отслужи бдение во катедралниот соборен храм „Христос Спасител“ во Москва.
Пред полиелејот, Светејшиот патријарх московски и на цела Русија Кирил го предводеше пречекот на кивотот со десницата на свети Спиридон Тримитунтски. Кај западните двери на храмот „Христос Спасител“, поглаварот на Руската Православна Црква, архијереите и свештенството ја пречекаа светињата донесена од островот Крф.
На самиот ден на празникот, Патријархот Кирил отслужи Божествена Литургија во катедралниот соборен храм „Христос Спасител“ во Москва. На Литургијата на Неговата Светост му сослужуваа: митрополитот Воскресенски Григориј – прв викар на патријархот за градот Москва, митрополитот Керкирски, Паксиски и Диапонтски Нектариј од Црквата на Грција, митрополитот Симферополски и Кримски Тихон, митрополитот Звенигородски Арсениј, епископот Рибински и Романово-борисоглебски Венијамин, епископот Шујски и Тејковски Јован, епископот Аргентински и Јужноамерикански Леонид, епископот Раменски Алексиј, епископот Броницки Јован и бројно свештенство од Руската Православна Црква и од делегацијата на Црквата на Грција.
На телевизиските канали „Сојуз“ и „Спас“, како и на официјалната интернет-страница на Руската православна црква Патријархија.ру, се емитуваше директен пренос од патријаршиската богослужба.
Некои ектении и литургиски возгласи беа произнесени на грчки јазик.
За придонесот во зацврстувањето на пријателските односи меѓу Руската и Грчката Православна Црква, митрополитот Нектариј беше одликуван со орден на Руската Православна Црква „Преподобен Серафим Саровски“ од II степен.
Митрополитот Нектариј, примајќи го одликувањето, му се обрати на Светејшиот патријарх Кирил со зборови на благодарност и истакна дека за него е особена чест да ја сподели радоста на празникот Преображение и да ја отслужи Божествената Литургија заедно со поглаварот и архијереите на Руската Православна Црква. Владиката истакна дека го познавал Светејшиот патријарх Кирил уште од времето кога бил претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија и го спореди со блаженопочинатиот поглавар на Грчката православна црква, архиепископот Христодул (Параскеваидис, †2008):
„Имав радост да Ве познавам уште пред да станете патријарх, кога бевте претседател на Одделот за надворешни црковни односи, ја посетувавте нашата митрополија и отслуживте Божествена Литургија. И уште тогаш Ве споредив со архиепископот Христодул, кој во тешки времиња успеа ’право да го управува словото на вистината’ (2 Тим. 2,15). И Вие навистина ’право го управувате словото на вистината’, како духовен магнет ги повикувате луѓето, а особено младите, кои доаѓаат во Руската православна црква, ги исполнуваат храмовите и се враќаат од атеизмот кон верата“.
Архијерејот побара од Светејшиот патријарх Кирил да го благослови народот Божји со десницата на свети Спиридон – истата онаа десница која на Првиот вселенски собор ја посведочила вистината на православната вера. Светињата беше извадена од кивотот, а Светејшиот Владика ги благослови верниците со десницата на светецот.
Потоа митрополитот Нектариј ја прочита граматата и му го врачи на Светејшиот патријарх Кирил највисокото одликување на Керкирската митрополија – орденот „Златен крст со ѕвезда на свети Спиридон“.
Светејшиот патријарх Кирил им се обрати на верниците:
„Сите вас, драги владици, отци, браќа и сестри, уште еднаш од срце ве поздравувам со овој прекрасен празничен ден!
Господ нека нè чува сите нас во верата, во љубовта и во едномислието. Кога го велам ова, мислам и на целото наше стадо во Русија и на сите православни христијани во целиот свет. Се радуваме што денес нашите грчки браќа заедно со нас ја отслужија оваа божествена служба и што имавме можност за заедничка молитва.
Божјиот благослов и Покровот на Царицата Небесна нека бидат над православните народи, над нашата земја, над Црквата и над сите оние кои со вера и љубов ги чуваат во срцето божествените завети и се стремат да живеат според Божјите заповеди. Ви го честитам празникот на сите вас!“
Во олтарот на храмот „Христос Спасител“ се одржа разговор меѓу Неговата Светост и митрополитот Нектариј и членовите на грчката делегација.





















