„Сметам дека е важно да се поддржи иницијативата за забрана на сатанизмот во Русија како екстремистичко движење“, изјави тој во вторникот, на 28 јануари 2025 година, на отворањето на XXXIII Меѓународни Божиќни образовни читања во Државната палата во Кремљ – известуваат руските медиуми.
Според Патријархот, недозволиво е различни сатанистички секти, кои се дел од меѓународни сатанистички движења, сè уште слободно да одржуваат обреди во Русија, да врбуваат млади луѓе и отворено да ги регистрираат своите групи во заедници и на социјалните мрежи.
„И размислете: во зоната на специјалната воена операција, на првата линија, нашите борци се подготвени да ги дадат своите животи за вредности што очигледно се газат од сатанистите“, изјави поглаварот.
Тој нагласи дека не станува збор само за некаква магија или егзотика, туку за „идеологија што го уништува нашето национално самосознание, а со тоа го ослабува нашиот народ и предизвикува поделби во општеството“. „И сето тоа во име на што? Во име на обожување идоли? Лудост!“ – истакна патријарх Кирил.
Дополнително, според него, државата треба да се спротивстави на ширењето на окултизмот меѓу населението и на јавното наметнување на деструктивни религиозни учења и практики преку рекламирање. Тој додаде дека особено внимание треба да се посвети на следењето на информации за одржување на нови, псевдотрадиционални, а всушност неопагански настани во образовните институции на сите нивоа.
Откако Генералното обвинителство на Руската Федерација ја забрани активноста на организацијата „Сатански храм“ (The Satanic Temple) на територијата на земјата, беше објавено дека пропагандата на окултни практики ќе се смета за облик на идеолошка субверзивна дејност.
