Рускиот Патријарх Кирил се сретна со делегација на Коптската Црква

На 1 февруари 2026 година, по завршувањето на празничната Божествена литургија, во Тронската сала на Соборниот храм „Христос Спасител“ во Москва се одржа средба на Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил со делегација на Коптската Црква, која пристигна во Русија за учество на XXXIV Меѓународни Божикни образовни читања и на свеченостите по повод 17-годишнината од интронизацијата на Неговата Светост.

Топло поздравувајќи ја делегацијата од Египет, Неговата Светост Патријархот Кирил истакна дека му е особено драго што ги гледа претставниците на Коптската Црква на свеченостите во Храмот „Христос Спасител“, токму на денот кога Руската Православна Црква за првпат го празнува споменот на Соборот на преподобните отци – родоначалници на монаштвото и на сите свети кои засветлиле во египетската земја (празник востановен со одлука на Светиот Синод од 30 октомври 2025 година). Неговата Светост, помеѓу останатото, истакна:

„Ви благодарам, мои драги. Односите меѓу Руската Православна Црква и Коптската Црква се многу блиски. Имаме многу заедничко во однос на монашкиот живот и темата на аскетизмот. По дух, по црковна дисциплина, вклучително и по постите, вие сте многу блиски до нас. Треба да се биде премногу схоластички богослов за да се најдат разлики меѓу нас. Но, за жал, разделбата беше утврдена. Затоа со молитва и меѓусебно општење треба да се стремиме кон нејзино надминување. Многу ја цениме вашата аскетска практика, начинот на живот на вашите монаси и тоа како го воспитувате својот народ. Ве молам за вашите молитви кај египетските светињи“.

Патријархот Кирил со задоволство го нагласи и плодотворното, взаемно корисно соработништво во рамките на Комисијата за дијалог меѓу Руската Православна Црква и Коптската Црква и изрази надеж за понатамошно зацврстување на повеќевековните добри односи што ја поврзуваат православна Русија со христијаните од Египет:

„Ќе се молиме и ќе работиме за овие добри односи да се развиваат, иако засега, за жал, не по ваша и не по наша волја, немаме можност заедно да ја служиме Светата Евхаристија. Но ќе се надеваме дека со заеднички напори и молитви – вклучително и на египетските преподобни отци – ќе бидат надминати овие разделби, чиј извор не сме ниту вие ниту ние.“

Во одговорниот говор, предводникот на египетската делегација му се заблагодари на Неговата Светост за укажаното гостопримство, ги пренесе срдечните честитки по повод 17-годишнината од интронизацијата и благопожелбите од Неговата Светост Коптскиот Патријарх Тавадрос II, како и уверувањата за неговата непроменлива братска поддршка кон Претстојателот на Руската Православна Црква и довереното му од Бога паство:

„Веќе многу години Вие успешно раководите со Руската Православна Црква, водејќи го Божјиот народ кон спасение, и тоа го правите со љубов и Патријаршиска мудрост кои Ви се својствени. Гледаме како Светиот Дух почива во Вашето срце и Ве води за да нè собира сите заедно во Христовата љубов. Ви посакуваме многу години живот во радост, благосостојба и под покровот на Божјата благодат. Ви благодариме што во вашата Црква беше востановен празникот на сите египетски светии, зашто нашите светии се и ваши светии. Молете се за нас и за нашата Црква. Многу сме радосни што сме првата делегација од братските Цркви која му ја честита на Вашата Светост годината кога го одбележувате Вашиот 80-ти роденден“.

На крајот од средбата, членовите на коптската делегација испеаја многулетствие според чинот на Коптската Црква.

Порано истиот ден, коптската делегација присуствуваше на Божествената литургија во Храмот „Христос Спасител“ и учествуваше на свечениот прием што се одржа по богослужбата, по повод 17-годишнината од интронизацијата на Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/93988/