На 4 мај, третата недела по Пасха – Недела на светите жени мироносици – Светејшиот Патријарх на Москва и сета Рус г.г. Кирил служеше Божествена Литургија во соборниот храм на Светите жени мироносици во градот Баку, престолнината на Азербејџан.
На Неговата Светост му сослужуваше епископот на Баку и Азербејџан Алексиј и други свештенослужители.
Богослужбата се пренесуваше во живо преку телевизиските канали „Сојуз“ и „Спас“, како и на официјалната веб-страница на Руската Православна Црква – Patriarchia.ru. Преносот беше проектиран и на големи екрани поставени на просторот околу храмот.
Евангелието беше читано на азербејџански и руски јазик.
Потоа, во Православниот културно-религиски центар на Бакинската епархија, Светејшиот Патријарх Кирил оствари средба со рускиот амбасадор М.Н. Евдокимов, соопшти прес-службата на Патријархот на Москва и цела Русија.
Соборниот храм на Светите жени мироносици во Баку е изграден во 1909 година како храм на 206. пешадиски Салјански полк. Првично бил осветен во чест на Архангел Михаил.
Во советскиот период храмот бил затворен уште во 1920 година и зградата била користена за други цели. Во 1991 година, полуразурнатиот храм ѝ бил вратен на Руската Православна Црква.
Можноста за реставрација се појавила со основањето на архијерејската катедра во Баку. Благодарение на грижата на епископот Александaр (Ищеин, 1952–2021), биле спроведени обемни обновителни работи и храмот бил подготвен за повторно осветување. Бидејќи веќе постоел храм посветен на Архангел Михаил, новообновениот храм бил преименуван во чест на Светите жени мироносици. За време на Првосвештенската посета на Азербејџан, Патријархот Алексиј II на 27 мај 2001 г. го осветил храмот и му доделил статус на соборен храм.
Својот нов живот соборот го добил благодарение на поддршката од азербејџанскиот мецена А.С. Курбанов (1953–2003), со чии средства биле изведени целосни реставраторски работи, вклучително и изработка на камен иконостас, живопис, и набавка на потребна црковна опрема.
Обновениот храм бил свечено отворен на 24 март 2003 г. на настан на кој присуствувале претседателот на Азербејџан Хејдар Алиев, шефот на Управата на муслиманите на Кавказ шеик-ул-ислам Аллахшукур Пашазаде и други високи гости.
Во храмот се наоѓаат ковчег со честичка од моштите на апостолот Вартоломеј и древната чудотворна Тихвинска икона на Пресвета Богородица.












