САД: 100 парохии од 9 јурисдикции донираа за мајки и новороденчиња

Оваа пролет православните христијани ширум Соединетите Американски Држави повторно се обединија за да им дадат поддршка на мајките, бебињата и семејствата во потреба преку 6. Национален православен „Бејби туш“. Она што започна како мала иницијатива прерасна во национално движење на сочувство, дарежливост и служење, обединувајќи ги православните парохии во заедничка посветеност на поддршката на жените кои се соочуваат со тешка бременост.

Оваа година во акцијата учествуваа речиси 100 православни парохии од 9 црковни јурисдикции. Иницијативата традиционално се организира во периодот на празникот Благовештение и Великиот пост, давајќи им можност на православните христијани на практичен и милосрден начин да го живеат учењето на Црквата за светоста на човечкиот живот.

Секоја парохија што учествува воспоставува партнерство со локален непрофитен центар за поддршка на бремени жени, кој обезбедува бесплатни медицински услуги, помош при родителството, советување, материјална поддршка и долгорочна грижа за жени кои се соочуваат со кризна или неочекувана бременост.

Со насоки и поддршка од организацијата „Православни христијани за живот“, парохиите организираат хуманитарни акции за собирање донации, а некои од нив организираат и настани во стилот на традиционален „бејби туш“ за подигање на јавната свест. Верниците собираат најнеопходни работи за мајките и новороденчињата, помагајќи жените што ќе изберат да го родат своето дете да не останат сами во текот на бременоста и мајчинството.

Преку овие партнерства православните парохии им служат на жените и семејствата во своите локални заедници, истовремено создавајќи трајни врски со организации кои веќе работат на поддршка на животот и секојдневно советуваат и им помагаат на жени кои размислуваат за абортус.

Годинашната акција мобилизираше повеќе од 2.550 учесници и резултираше со рекорден број донации:

  • повеќе од 76.900 пелени;
  • повеќе од 3.760 пакувања влажни марамчиња;
  • повеќе од 25.000 американски долари парични донации;
  • повеќе од 5.270 парчиња бебешка облека и обувки;
  • повеќе од 4.390 други предмети за бебиња, меѓу кои детски креветчиња, автомобилски седишта, колички, адаптирано млеко и друго.

Од 2021 година досега, преку Националниот православен „Бејби туш“ се донирани 204.300 пелени и повеќе од 37.055 други производи.

Иако бројките се импресивни, вистинското влијание на оваа иницијатива оди многу подалеку од статистиката. За многу жени кои добиваат помош од центрите за поддршка на бремените, практичната поддршка од заедницата претставува силен потсетник дека не се сами.

Финансиските тешкотии и недостигот од поддршка се меѓу најчестите причини поради кои жените се одлучуваат за абортус. Со обезбедувањето пелени и друга материјална помош, православните парохии придонесуваат за намалување на непосредниот финансиски товар и, според организаторите, помагаат да се спасат животите на безброј деца. Донациите како пелени, адаптирано млеко и бебешка облека значително ги олеснуваат првите месеци од мајчинството.

Иницијативата дополнително ги зацврстува врските меѓу православните парохии и локалните организации што обезбедуваат непосредна помош. Многу цркви и по завршувањето на годишната акција продолжуваат да волонтираат, донираат и да ги поддржуваат своите партнерски организации. Така, Националниот православен „Бејби туш“ прерасна од сезонска кампања во поттик за постојана локална мисија и добротворна дејност.

„Православната Црква стои рамо до рамо со движењето за заштита на животот, настојувајќи да го запре насилството на абортусот и да им даде поддршка на мајките во потреба“, изјави Емили Јокум, извршен директор на организацијата „Православни христијани за живот“.

„Во култура која сè повеќе покажува непријателство кон мајчинството и семејниот живот, ние мораме први да го сведочиме христијанското почитување на човечкиот живот уште во утробата и светата врска меѓу мајката и детето, како што ни е откриена преку нашиот Спасител и Пресвета Богородица.“

За православните христијани, одржувањето на оваа иницијатива за време на Великиот пост и празникот Благовештение има особено духовно значење. Благовештението го одбележува моментот кога Пресвета Богородица ја примила благата вест дека ќе Го роди Христос, нагласувајќи ја светоста на животот во мајчината утроба и убавината на мајчинството во христијанската традиција. Иницијативата „Бејби туш“ го отсликува токму тој дух на љубов, жртва и грижа за мајката и детето.

Со зголемувањето на бројот на учесници од година во година, Националниот православен „Бејби туш“ станува видливо сведоштво за посветеноста на Црквата во одбраната на животот не само со зборови, туку и преку конкретни дела на милосрдие и сочувство. Обезбедувајќи конкретна помош за жените и семејствата, православните христијани придонесуваат за создавање култура во која и мајките и нивните деца се прифатени, ценети и згрижени – се вели во известувањето од „Православни христијани за живот“.

Извор: https://orthochristian.com/179257.html