Се одржа третата седница на Работната група за билатерални односи помеѓу Руската Православна Црква и Маланкарската Црква на Индија

Од 21 до 24 август 2024 година се одржа третата седница на Работната група за координација на билатералните односи помеѓу Руската Православна Црква и Маланкарската Сириска Црква на Индија, по благослов на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија, Кирил, и Неговата Светост Католикосот Василиј Мар Тома Матеј III. Седницата се одржа во Дубаи, на територијата на епархијата на Маланкарската Сириска Црква (Обединети Арапски Емирати).

На крајот од седницата беше прифатено заедничко коминике во кое, меѓу другото, се вели:

„За време на седницата беа разгледани резултатите од работата на Работната група во периодот од претходната седница, одржана на 24-27 април 2023 година во Москва, вклучувајќи ги и средбите на членовите на Работната група со учество на претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Митрополитот Волоколамски Антониј, одржана на 24 февруари 2024 година во Котајам (државата Керала, Индија). Беше разгледана понатамошната соработка во следните насоки:

  1. Контакти на ниво на црковна јерархија и официјални лица
  2. Соработка на меѓународни платформи. Утврдување на традиционалните вредности и поддршка на Христијаните
  3. Размена на студенти
  4. Соработка во академската сфера
  5. Соработка во социјалната сфера и во болничкото служење
  6. Соработка во сферата на медиумите
  7. Олеснување на монашките контакти
  8. Соработка во дијасопрата
  9. Иницијативи во областа на црковната култура
  10. Развој на богословските консултации“

Коминикето завршува со следниот заклучок:

„Му благодариме на нашиот Троедин Бог за одржаната трета седница на Работната група. Работната група водеше многу содржајни и плодотворни преговори, кои беа сведоштво за целосно меѓусебно разбирање за секое од прашањата на дневниот ред.

За време на седницата на Работната група, нејзините членови го посетија храмот на Маланкарската Црква посветен на светиот апостол Тома во Дубаи.

Членовите на Работната група изразуваат благодарност до претседателот на Одделот за надворешни односи на Маланкарската Црква, Преосвештениот Митрополит Делиски Јуханон Мар Деметриос, за гостопримството и личното внимание кон седницата на Работната група. Истовремено, членовите на Работната група искрено му се заблагодаруваат на членот на Работната група, г-дин Д. Метју, за неговото посредување во одржувањето на седницата и посветеноста на црковното служење.“

Во рамките на седницата на Работната група, нејзините членови го посетија храмот на Маланкарската Црква посветен на светиот апостол Тома во Дубаи, каде што беа топло пречекани од свештенството и парохјаните. Епископот Сергиево-Посадски и Дмитровски Кирил и јеромонахот Стефан (Игумнов) од Руската православна црква им се обратија на присутните со поздравни зборови.

Резултатите од седницата на Работната група ќе бидат презентирани за одобрување пред Поглаварите и Светите Синоди на двете Цркви.

* * *

Маланкарската Црква, официјално позната како „Маланкарска Православна Сириска Црква“, е дохалкидонска (миафизитска) црква која е дел од групата на т.н. „Ориентални православни цркви“. Таа има свои корени во Индија и особено е присутна во државата Керала. Оваа Црква потекнува од древната христијанска заедница формирана од апостолот Тома во 52 година по Христа, кога, според преданието, тој пристигнал на индискиот брег и почнал да проповеда христијанството. Името го добила според местото наречено „Малианкара“ во Керала, каде што најпрвин дошол апостолот Тома. Црквата користи западносириски богослужбен обред, кој е различен од богослужбената пракса во Православната црква. Првично, богослужбите биле на сириски јазик, но денес, покрај сирискиот, се користи и малајаламскиот јазик, кој е доминантен јазик во Керала. Маланкарската Црква е автокефална (самоуправна) црква предводена од Католикос, кој е врховен поглавар. Сегашниот Католикос носи титула „Католикос на Истокот и Маланкарски Митрополит“. Црквата има милиони верници, главно концентрирани во Керала, но има и значителна дијаспора низ целиот свет, особено на Блискиот Исток, Северна Америка и Европа. Оваа црква е значаен дел од христијанската заедница во Индија.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6156040.html