Сè повеќе млади мажи во САД преминуваат во православие

Бен Кристенсон, 27-годишник од Вирџинија, пораснал во англиканска заедница – секоја недела бил на богослужба, посетувал верско училиште и секое лето одел на христијански камп. Но, отсекогаш чувствувал потреба за подлабока и потрадиционална вера.

„Тешко ми беше што мојата Црква постојано се менуваше. Сфатив дека нема начин да се запре таа промена“, вели Кристенсон. Со текот на времето, традициите исчезнуваа – хорот во одежди беше заменет со модерен бенд, ставовите за женското свештенство станаа нејасни, а односот кон ЛГБТ заедницата се менуваше.

Во потрага по нешто подлабоко, во 2022 година Кристенсон преминал во православие. „Ако и натаму си сериозен христијанин, а знаеш дека веќе нема социјален престиж во тоа, тогаш бараш нешто со тежина, нешто што нема да се менува“ – објаснува тој.

Голем бран на преминувања во православие

Кристенсен не е единствениот. Според анкета спроведена во православните парохии низ САД, бројот на верни кои преминале во православие во 2022 година бил за 78% поголем отколку во 2019 година. Тенденцијата е особено изразена кај мажите.

Свештеникот Јосија Тренам, кој веќе три децении ја води православната црква „Свети Андреј“ во Калифорнија, вели дека последните пет години интересот за православието „експлодирал“.

„Феминизацијата на неправославните форми на христијанство е во полн замав со децении“, вели Тренам, објаснувајќи дека протестантските богослужби сè повеќе се базираат на емотивни песни, подигнати раце и затворени очи.

„Мажите не се чувствуваат удобно во такви средини“, додава тој.

Елиџа Ве Сит, 17-годишен средношколец од Торонто, има слично мислење: „Протестантските богослужби личат на рок-концерт. Во православието најдов нешто постојано, нешто традиционално“.

Привлечноста на православието

Зошто сè повеќе млади мажи преминуваат во православието?

  • Историска постојаност – „Не се менува. Не се менувало 2.000 години. И нема да се менува“, вели Кристенсон.
  • Предизвик и дисциплина – „Православието е повик на авантура“, вели д-р Захари Порку. Постењето, долгите богослужби и телесните поклони го прават православието поактивна вера.
  • Отпор кон модерните трендови – „Сè се менува – протестантските цркви, Католичката црква, културата, владата. Луѓето бараат нешто што е стабилно“, вели Бејли Малинс, 26-годишен преобратеник во православието.

Познатиот психолог Џордан Питерсон смета дека привлечноста на православието лежи во неговата ритуалност: „Тоа не е нешто што може да се критикува или менува според вкусовите на свештеникот. Тоа е танц – ритуал што ја вклучува архитектурата, иконите, историјата – а ти учествуваш во него“.

Како што современиот свет станува сè понестабилен, за многумина православието претставува сигурна тврдина што стои цврсто во текот на вековите.

Извор: https://nypost.com/2024/12/03/us-news/young-men-are-converting-to-orthodox-christianity-in-droves/