Сѐ повеќе млади во Шведска преминуваат во Православие

Додека либералната Шведска Евангелско-лутеранска црква, која е најголема верска заедница во земјата, бележи постојан пад на бројот на верници, Православната Црква во последниве години расте – благодарение на имиграцијата, но и на забележливиот број на обраќања во православната вера.

Од неколкуте православни јурисдикции што делуваат во Шведска, според еден неодамнешен владин напис, најголема е Српската православна црква.

Неодамнешен прилог на Шведската телевизија „СВТ“ го истакна растот на религиозноста меѓу шведската младина и улогата што социјалните мрежи ја имаат во таа промена.

Новинарите разговараа со Лео Свер, млад човек кој преминал во Православието, и кој, иако потекнува од нерелигиозно семејство, почнал подлабоко да размислува за животот околу седмо одделение и да бара традиционална црква. „Нашето време е вознемирувачко и не може да понуди одговори на важните прашања“ – вели тој – „па затоа многумина се обрнуваат кон Бога.“ Видео прилогот со превод на англиски може да се види на следната снимка:

Во септември 2021 година, „Православие.ру“ извести дека шест лица биле крстени во еден ден во украинска православна парохија во Болиден, во северна Шведска – град со помалку од 2.000 жители.

А изминатиот викенд, неколку лица биле крстени во романска православна црква. Во неделата, на 10 август 2025 година, Неговото Преосвештенство, епископот Северноевропски Макариј, отслужи Божествена Литургија и крсти четири лица во Епископската капела во Гетеборг, вториот по големина град по Стокхолм, известува романскиот црковен портал „Базилика.ро“.

Епископот крсти и миропомаза млад човек по име Кристијан (33), две млади жени – Самра (29) и Нермина (31), како и ќерката на Нермина, Аделина (7).

На секој од нив владика Макариј им подари Библија, молитвеник и икони за да останат цврсти во својата нова вера.

„Црквата во Гетеборг, каде што се почитуваат Богородичните икони ’Неисцрпна Чаша’ и ’Млекохранителка’, е место на богослужение каде што сѐ повеќе млади преминуваат во Православието, станувајќи исповедници на вистинската вера во Скандинавија“ – пишува официјалното гласило на Романската Црква.

Извор: https://orthochristian.com/171848.html