Митрополитот на Ѓирокастро Димитриј, од Црквата на Албанија, се упокои доцна навечер на 28 јуни, по долга борба со тешка болест. Беше хоспитализиран во Универзитетската општа болница во Јанина, Грција.
Митрополитот Димитриј (Синајски), со световно име Димитриос Диκбасанис е роден во Неа Ираклија, Сер, Грција, во 1940 година. Основното образование го завршил во градот Сер, а потоа студирал на Богословскиот факултет на Аристотеловиот универзитет во Солун, каде дипломирал во 1968 година.
Во периодот од 1969 до 1971 предавал во Институт за клирици на островот Тинос, а потоа и во Богословската гимназија на истиот остров (1971–1974). Во 1974–1975 предавал веронаука во историското училиште Амбетио во Каиро, Египет.
Во 1975 година започнал монашки живот во Синајскиот манастир „Св. Екатерина“, каде што бил замонашен во 1978 година. На 7 јануари 1988 бил ракоположен за ѓакон од Архиепископот Дамјан Синајски, а една недела подоцна и за свештеник.
Од 1990 до 2006 бил игумен на подворјето на Света Екатерина Синајска во Јанина, каде во 1991 година се сретнал со тогашниот епископ на Андруса, Архиепископот Анастасиј, во својство на егзарх на Цариградската Патријаршија во Албанија.
Во февруари 1992 бил поканет од архиепископот Анастасиј да предава на Богословскиот институт за Стариот Завет во Драч, а подоцна и во Богословската академија „Воскресение Христово“, каде предавал краток период.
Од 1993 до 2006 година бил протосингел на Митрополијата на Ѓирокастро, која тогаш била под привремено управување на Архиепископот Анастасиј. Подоцна бил избран за Митрополит на Ѓирокастро со едногласна одлука на Светиот Синод на Црквата на Албанија и со одобрување од државните власти, поради неговото грчко потекло.
Неговата епископска хиротонија била на 16 ноември 2011 година во храмот „Благовештение на Пресвета Богородица“ во Тирана, од страна на тогашниот Архиепископ Анастасиј и Митрополитите на Корча — Јован, и на Берат — Игнатиј. Освен мајчиниот грчки јазик, митрополитот Димитриј зборувал и арапски.
Неговиот погреб беше денес, на 1 јули 2025 година.
Извор: https://ugo.al/al/news/84295
