Се упокои во Господа Архиепископот Албански Анастасиј

Православната Автокефална Црква на Албанија со најдлабока тага ја објавува веста за упокојувањето во Господа на Неговото Блаженство, Архиепископот Тирански, Драчки и на цела Албанија, блаженоупокоениот Анастасиј. 

Неговото Блаженство се упокои денес, 25 јануари 2025 година, во 8:30 часот наутро, на возраст од 95 години, во болницата „Евангелизмос“ во Атина, поради повеќекратна органска слабост. Претходно, тој беше хоспитализиран неколку дена во болницата „Хигиа“ во Тирана. 

Го повикуваме целиот верен народ на Црквата на Албанија да се моли за покојот на душата на покојниот Претстоител – објавува интернет страницата на Православната Црква на Албанија.

Блаженоупокоениот Архиепископ Анастасиј беше обновителот на Православната Автокефална Црква на Албанија, која ја воскресна буквално од урнатините по падот на атеистичкиот режим. Со своето боговдахновено визионерство и неуморна работа, тој од темел ја обнови црковната заедница, изгради стотици храмови, основа образовни и добротворни институции и издигна ново свештенство, принесувајќи непрестајна жртвена служба повеќе од 33 години. 

Вечен спомен!


Архиепископот Анастасиј е роден во 1929 година во Пиреа, близу Атина, во Грција. Од детството активно учествувал во црковниот живот. 

Во 1947 година се запишал на Теолошкиот факултет при Атинскиот универзитет и го завршил со одличен успех во 1951 година. По завршувањето на универзитетот, две години служел во армијата, каде што се приклучил на братството „Зои“ (Живот), религиозна организација која имала за цел духовно обновување на Грчката Црква. Една од неговите главни активности била работа со грчката младина. Бил еден од лидерите на студентските движења и работел во детски кампови. 

Ова искуство му помогнало на идниот поглавар на Албанската Црква да увиди какво влијание имаат таквите мисионерски програми врз Црквата во целост. Во тие години, исто така, соработувал со меѓународното православно движење „Синдесмос“ (бил негов генерален секретар од 1958 до 1961 година, а потоа потпретседател од 1964 до 1978 година). 

Во 1960 година бил ракоположен за ѓакон. Го основал православниот мисионерски центар „Поревтендес“. 

По ракополагањето за свештеник на 24 мај 1964 година, заминал во Источна Африка, каде што служел во Уганда. Наскоро по пристигнувањето се разболел од маларија и се вратил во Грција. 

Во периодот 1965-1969 година студирал историја на религиите на универзитетите во Хамбург и Марбург, Западна Германија, фокусирајќи се на историјата на африканските религии, мисионерството и етнологијата. За да собере материјал за својата докторска дисертација „Духот Мбандва и структурата на нивните култови: истражување на различни аспекти на африканските религии“, работел на универзитетот во Кампала, Уганда.

Во 1972 година бил ракоположен во епископски чин како епископ на Андруса и станал раководител на Одделот за надворешни црковни мисии на Црквата на Грција. 

Во 1972 година го основал женскиот манастир Свети Јован Претеча во Грција, со мисионерска насоченост. 

Во 1980-тите години, Православната Црква во Источна Африка била на работ на распад поради внатрешни проблеми кои довеле до разрешување на кенискиот епископ. Александрискиот патријарх Николај му предложил на епископот Анастасиј да ја преземе оваа катедра. Тој прифатил, но истовремено продолжил со својата активност на Атинскиот универзитет. 

Во Африка неговиот главен приоритет бил создавање на силна православна заедница, предводена од локални водачи. Првата негова активност како епископ било довршувањето и отворањето на семинаријата. Освен подготовката на свештенички кадри, тој организирал превод на богослужбите на седум различни јазици. Под негово водство биле изградени 67 нови цркви и обновени 25 постоечки. Исто така, се занимавал со изградба на училишта, детски градинки, мобилни болници и мисионерски центри. 

Како резултат на неговата посветеност и воспитувањето на локални православни лидери, Црквата во Источна Африка продолжила да се развива и по неговото заминување од катедрата во 1991 година. 

Во јануари 1991 година, Цариградскиот патријарх го испратил во Албанија како Патријаршиски егзарх со задача да ја обнови Албанската Автокефална Православна Црква. По 40 години сурово прогонство, Православната Црква во Албанија била целосно разрушена, а бројот на свештенослужителите бил намален на 22, од 440, колку што имало во 1940 година. 

Изборот на Блаженоупокоениот Анастасиј за четврти Претстоител на Албанската Православна Црква се случил на 24 јуни 1992 година, а неговата интронизација била извршена на 2 август истата година.

Тој има напишано и објавено 24 книги (религиолошки истражувања, мисионерски есеи, дела за православната духовност) и повеќе од 200 студии и статии со теолошка содржина. Неговите книги и различни текстови се преведени на 17 јазици.

Неговиот придонес во науката, современото христијанско сведоштво, меѓухристијанскиот дијалог, меѓурелигискиот дијалог и мирниот соживот на народите и религиите е меѓународно признат.

Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2025/01/25/εκοιμήθη-εν-κυρίω-ο-αρχιεπίσκοπος-τιρ/