Со длабока жал известуваме дека денес, на 27 јануари 2025 година, по кратко боледување, се упокои во Господа неговото високопреподобие схиархимандрит Амвросиј – игумен на Зографската света обител – известува интернет страницата на Бугарската патријаршија.
Архимандрит Амвросиј го започна својот духовен пат уште од раното детство, а подоцна го заврши петгодишниот курс на Софиската духовна семинарија кај железничката станица Черепиш. Во 1973 година стапи на послушание во Бачковскиот манастир, а четири години подоцна прими монашки потстриг. Во 1981 година замина на Света Гора – Атон, а од 1997 година беше игумен на Зографската света обител.
За време на неговото раководство и со неговиот благослов, Зографскиот манастир ја разви својата културно-просветна дејност, при што беа издадени стотици православни книги, житие на светителите, светоотечка литература и изданија за актуелни и современи прашања. Благодарение на неговиот неуморен труд и трудот на братството на манастирот, беше обновен дел од светата обител оштетен во силен пожар, изградена беше нова зграда за поклониците, а создадена беше и нова манастирска библиотека.
Во црковната историја, архимандрит Амвросиј ќе остане запаметен како ревносен монах, духовник надарен од Бога и мудар наставник за многумина на патот кон верата.
Утре, во митрополитската катедрала „Света Недела“, од 9:30 часот ќе биде отслужена заупокоена света Литургија од архијереи на Бугарската православна црква. Поклонението ќе трае до 20 часот во храмот.
Бог да го прости! Вечен и блажен спомен!
Опелото и погребението на архимандрит Амвросиј ќе бидат дополнително соопштени.
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/v-gospoda-se-prestavi-shiarhim-amvrosiy-igumen-na-zografskat