Доцна ноќта на 15 март 2025 година, на 94-годишна возраст, се упокои во Господа схиархимандрит Илиј (Ноздрин).
Опелото на отец Илиј ќе се одржи на 18 март во Воведенскиот ставропигијален машки манастир Оптина пустина.
Схиархимандрит Илиј (во светот Алексеј Атанасјевич Ноздрин) е роден во 1932 година во селото Становој Колодез, Орловска област, во побожна селанска фамилија. На крштение го добил името Алексеј, во чест на Божјиот човек. Неговиот татко починал во болница од воени рани во 1942 година, а мајката сама ги одгледала четирите деца.
Во 1949 година завршил средно училиште во родното село. Служел во армијата. Од 1955 до 1958 година учел во машинско-техничкиот училишен центар во Серпухов. По завршувањето, бил распределен во градот Камишин, Волгоградска област. Таму донел одлука да му го посвети животот на служењето на Црквата и се запишал во Богословската семинарија во градот Саратов.
По затворањето на Саратовската семинарија во 1961 година, образованието го продолжил најпрво во Ленинградската богословска семинарија, а потоа на академијата. За време на студиите, бил замонашен од митрополитот Никодим (Ротов) со монашкото име Илијан, во чест на еден од четириесетте Севастиски маченици. Од истиот архијереј бил ракоположен во јероѓакон, а потоа и во јеромонах.
Во годините на својата служба во Ленинградската епархија, работел на различни парохии.
Во 1966 година пристапил во Псково-Печерскиот манастир, каде што десет години извршувал разни послушанија.
Со одлука на Светиот Синод од 3 март 1976 година, јеромонах Илијан, заедно со уште четворица монаси, бил испратен на послушание во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“ на Света Гора Атон. Таму, заедно со другите монаси, успеал да ја зачува монашката традиција, да ја одржи врската на манастирот со руското православие и да го спречи неговото затворање. Служел во еден од скитовите, скриен во планинските клисури, и бил духовник на братството на манастирот.
Кон крајот на 1980-тите бил назначен за духовник на манастирот Оптина пустина, кој тогаш се обновувал по 65 години запустеност. Тука се замонашил во велика схима со името Илиј, во чест на друг Севастиски маченик. Дваесет години схиигумен Илиј ја возобновувал старечката служба, по која отсекогаш бил познат овој манастир.
Во 2009 година се населил на Патријаршискиот двор на Троице-Сергиевата лавра во подмосковскиот град Переделкино. Беше духовник на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил.
На Пасха, 4 април 2010 година, беше воздигнат во чин схиархимандрит.
