Православната Црква на Албанија ја разјасни ситуацијата околу затворањето на Црковната гимназија „Чесен Крст“ во Аргирокастро, истакнувајќи дека одлуката на албанската влада претставува административен одговор на барањето на самата институција да престане со работа.
Претходно, албанската влада со одлука потпишана од премиерот Еди Рама објави прекин на работата на училиштето, повикувајќи се на примената на Уставот и на законот „За предуниверзитетскиот образовен систем во Република Албанија“. Со одлуката се укинува и решението бр. 279 од 10 јуни 1999 година, со кое била издадена дозволата за функционирање на институцијата.
Станува збор за една од првите образовни институции основани од блаженоупокоениот архиепископ Анастасиј Јанулатос во 1998 година, со цел обезбедување современо образование и духовно воспитување за младите во јужна Албанија. Училиштето функционираше како приватна двојазична верска образовна институција и беше сместено во еден од традиционалните квартови на Аргирокастро.
Во своето соопштение, Православната Црква на Албанија наведува:
„Споменатото недржавно училиште функционираше непрекинато од 1998 до 2025 година. Во овој период училиштето, кое беше основано и функционираше под посебната грижа на Автокефалната Православна Црква на Албанија и на блаженоупокоениот архиепископ Анастасиј, им овозможи на стотици млади луѓе да се образуваат и да негуваат христијански вредности. Одлуката што ја донесоа властите претставува административен одговор на барањето на самата институција. Делото на Православната Црква во областа на образованието продолжува со целосна посветеност преку бројни образовни институции од сите нивоа, распространети низ целата земја.“
Според одлуката на албанската влада, училиштето е обврзано на учениците да им ги обезбеди сите потребни документи за префрлање во други образовни институции, како и да ги покрие трошоците поврзани со тие постапки. Исто така, треба да ги врати евентуалните уплати за незавршениот дел од образованието и да ги исполни сите други обврски кон учениците.
Спроведувањето на одлуката е доверено на Министерството за образование, Националната служба за предуниверзитетско образование, регионалните образовни служби, самата институција „Чесен Крст“ и Автокефалната Православна Црква на Албанија.
Според информации што ги пренесуваат локални медиуми, една од причините за затворањето е намалениот број ученици, што е поврзано со демографските промени во регионот и намалувањето на грчкото малцинство.
Црковната гимназија „Чесен Крст“ важеше за едно од најзначајните образовни дела на архиепископот Анастасиј. Покрај училници и читални, училиштето располагаше со лаборатории, информатички кабинети, библиотека, спортска сала, интернат и храм посветен на Воздвижението на Чесниот Крст, каде што се извршуваа богослужби.
Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2026/05/15/το-σχολειο-τιμιοσ-σταυροσ-στο-αργυρ/
