Седница на Координативниот комитет на Комисијата за теолошки дијалог меѓу Римокатоличката и Православната Црква

Комитетот за координација на Мешовитата меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Римокатоличката црква и Православната црква, под заедничко претседателство на кардинал Курт Кох, префект на Дикастеријата за унапредување на христијанското единство, и митрополитот Јов (Геча) од Цариградската патријаршија, се состана од 15 до 19 јуни 2026 година во историскиот манастир Панонхалма, во Унгарија.

Во составот на делегацијата на Римокатоличката црква беа и: вомировениот бискуп на Дижон Ролан Минерат, бискупот Флавио Паче, проф. д-р Пол МекПартлан, проф. Терезија Хајнталер, проф. Петер Сабо, проф. д-р Хектор Сери, проф. д-р Габриел Хашем, отец Сабино Киала и јереј Андреа Палмиери.

Претставници на Православната црква беа: митрополитот Максим од Цариградската патријаршија, митрополитот Петар од Александриската патријаршија, митрополитот Василиј од Црквата на Кипар, архиепископот Јурај од Православната Црква на Чешките земји и Словачка, проф. Теодорос Јагку од Ерусалимската патријаршија, архимандритот Амфилохиос Милтос од Црквата на Грција, д-р Нејтан Хопе од Црквата на Албанија и јерејот Алексис Торанс. Претставник на Полската автокефална православна црква беше м-р Јержи Бетлејко, наставник на Христијанската теолошка академија во Варшава и предавач во Православната богословија во Варшава.

Комитетот беше пречекан со братска љубов и бенедиктинско гостопримство од игуменот Цирил Тамаш Хортобаѓи и монашкото братство. Членовите на Координативниот комитет го сметаа за особена чест тоа што својата средба можеа да ја одржат во инспиративната средина на овој манастир основан во 996 година.

Во рамките на средбата, во присуство на државни власти и локални претставници на црквите и христијанските заедници, игуменот ја објави публикацијата на документите и текстовите од католичко-православниот дијалог на унгарски јазик, за првпат во историјата, под наслов „Az Igazság Párbeszéde“ („Дијалог на вистината“). Оваа вест беше примена со радост од членовите на Комитетот и од сите присутни. Копретседателите изразија благодарност и честитки, истакнувајќи го значењето на ова издание за поширокото запознавање со работата на Комисијата.

Работата на Координативниот комитет беше насочена кон ревидираниот нацрт-текст за непогрешливоста, разгледуван и од теолошка и од историска перспектива. Членовите на Комитетот водеа длабока и плодна расправа за текстот. Беше заклучено дека неколку елементи од текстот бараат понатамошни ревизии и појаснувања пред тој да биде разгледан на пленарната седница на Комисијата. Поради тоа е планиран нов состанок на Координативниот комитет, кој ќе се одржи во јуни 2027 година.

Извор: https://www.orthodox.pl/posiedzenie-komitetu-komisji-ds-dialogu-teologicznego-miedzy-kosciolami-rzymskokatolickim-a-prawoslawnym/