Штетите кои настанаа на Света Гора од земјотресот од 5,3 степени според Рихтеровата скала на 7 јуни годинава, не ја загрозуваат стабилноста на зданијата – манастирите и храмовите, но оштетени се нивните конструктивни елементи. Ова го утврди работната група на Техничката комора на Грција, Центарот за зачувување на светогорското наследство, Институтот за земјотресно инженерство и Градежниот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун, кои извршија инспекција во четири манастири на Света Гора: Дохијар, Ксенофонт, Св. Пантелејмон и Симонопетра.
„Од досегашните согледувања во четирите манастири, како и од информациите од другите манастири кои допрва ќе ги посетиме, и според проценките базирани на оддалеченоста од епицентарот на земјотресот, веруваме дека трошокот за целосна санација на штетите на Света Гора ќе изнесува околу 6 до 7 милиони евра. Ова е првична проценка – мора да ги посетиме и останатите манастири“, изјави за АПЕ-МПЕ Илиас Пертѕинидис, генерален директор на Центарот за зачувување на светогорското наследство.
„Постојат оштетувања кои бараат итна интервенција – не затоа што има ризик од колапс на градбите, туку затоа што во случај на нов силен земјотрес може да се урнат конструктивни елементи. Кога станува збор за градби од таква историска вредност, како што се манастирите на Света Гора, неизвршување на поправка, на пример, на купола која моментално има пукнатина, би можело да доведе до уривање на делови од тромбите, фрески или мозаици од огромна вредност. Тоа мора да се избегне по секоја цена, затоа се потребни итни зафати.“
Тој додаде дека веќе една година има поставено сеизмограф во манастирот Ксенофонт и дека планираат да постават уште два, за да можат попрецизно да го следат влијанието на земјотресите врз зданијата.
Како што известивме, од минатата година, сеизмичката активност на подрачјето на Света Гора е значително зголемена.






Извор: https://www.voria.gr/article/seismos-sto-agion-oros-eos-7-ekat-eyro-kostos-apokatastasis-ton-zimion