Синодот на Бугарската Црква ги осуди клеветничките тврдења на о. Никанор

На 31 јули 2026 година Светиот синод на Бугарската Православна Црква го објави својот став во врска со „навредливите изјави и клеветничките тврдења на архимандритот Никанор Мишков против Бугарскиот патријарх и Бугарската Православна Црква“.

Во објавата, Светиот синод категорично се огради и ги осуди „клеветничките тврдења на о. Никанор Мишков, клирик на Софиската епархија кој се наоѓа под канонска забрана за свештенослужење“, против институцијата и личноста на Бугарскиот Патријарх. „Изјавуваме дека систематските навредливи и хулни тврдења на споменатиот клирик, кој се поставува себеси како судија на сè и на сите, се недозволиви и предизвикуваат општа соблазна меѓу верниците“ – се вели во објавата.

Во објавата на Синодот се потсетува дека „секој обид за нарушување на единството на Бугарската Црква или поттикнување на раскол е недозволив и строго осудлив според Уставот на Бугарската Патријаршија“.

Синодот „повика свештенството и православниот народ да не подлегнува на провокациите што предизвикуваат непријателство и поделби“, каква што беше објавата на о. Никанор од пред неколку дена, која предизвика бурни реакции од верниците и свештенството, како што известивме.

Отец Никанор на македонската јавност ѝ е познат по своите обиди да се вмеша во изборот на митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Имено, тој упати „отворено писмо до Архиепископот Стефан и до членовите на Светиот синод на Македонската Православна Црква“. Ова писмо беше пренесено во македонската јавност преку неколку медиуми, по што од страна на Бугарската Православна Црква следеше оградување од ставовите на о. Никанор: „Отвореното писмо… потпишано со името на клирик од Софиската епархија – архимандритот Никанор (Мишков)… е напишано и испратено без благослов и претставува недозволиво мешање во изборниот процес за митрополит и обид за вршење влијание врз една помесна Православна Црква, која ни е братска“.

Во продолжение го пренесуваме ставот на Светиот Синод на Бугарската Црква од 31 јули 2026 година.


СТАВ на Светиот синод во врска со навредливите изјави и клеветничките тврдења на архимандритот Никанор Мишков против Бугарскиот патријарх и Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија

Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија категорично се оградува и ги осудува јавно изнесените клеветнички тврдења на архимандритот Никанор Мишков, клирик на Софиската епархија, кој се наоѓа под канонска забрана „аргос“, насочени против Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, како и против институцијата и личноста на Бугарскиот патријарх. Изјавуваме дека систематските навредливи и хулни тврдења на споменатиот клирик, кој се поставува себеси како судија на сè и на сите, се недозволиви и предизвикуваат општа соблазна меѓу верниците.

Ние, членовите на Светиот синод, не прифаќаме Светата Црква да биде инструментализирана и користена за политички цели, ниту, пак, наведениот клирик да се претставува како политичка жртва.

Изјавуваме дека секој обид за нарушување на единството на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија или поттикнување раскол е недозволив и строго осудлив според Уставот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија и светите канони. Напротив, Светата Црква се моли за покајание, повторно приопштување и единство на сите свои чеда во едното Тело Христово.

Ги повикуваме свештенството и православниот народ да не подлегнуваат на провокации што предизвикуваат непријателство и поделби. Во претстојните денови на Богородичниот пост да покажеме духовна трезвеност и да ги засилиме нашите молитви кон Бога и кон Божјата Мајка за милост и благодатна помош за сите нас, за целиот наш народ и за светот, оптоварен со бројни конфликти, војни и страдања, за мир, покајание и спасение.

Упатуваме молитви кон Човекољубивиот Христос да не дозволи ниту една овца од Неговото свето стадо да биде грабната од непријателот на спасението, туку да го најде патот на покајанието.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/pozitsiya-na-svetia-sinod-otnosno-oskarbitelni-izyavlenia-i