Слава на манастирот во Ковиљ

На 26 јули 2024 година, во денот кога се празнува Соборот на свети архистратиг Гаврил, беше прославена славата на манастирот „Св. Архангели“ во Ковиљ (Србија). На светата архијерејска Литургија началствуваше Српскиот Патријарх Порфириј, во сослужение на: Бачкиот митрополит Иринеј, Мохачкиот епископ Дамаскин, презвитерот др. Драган Каран (доцент на Православниот богословски факултет во Белград) и свештенство и ѓаконство од Бачката епархија. На Литургијата, Патријархот Порфириј го ракопроизведе јеромонах Никон (од Ковиљскиот манастир) во архимандритски чин.

Во беседата, по прочитаното евангелско зачало, Српскиот Патријарх Порфириј ги поучи присутните за тоа дека човекот е слободен само ако е во заедница со Бога. Меѓу другото, Патријархот нагласи:

„Создадени сме како слободни битија и создадени сме за да ја употребиме  својата слобода за славење на Бога. За славење на Бога означува за љубов кон Бога, а тоа значи за послушност во однос на Бога. И не само ние, како луѓе, туку целокупното создание е создадено за да Го слави Бога и за да се прославува Бог во него. А човекот е создаден како привремено малку помал од ангелите. Меѓутоа, сѐ му е покорено за да биде во него и преку него прославено. Како? Така што секоја наша мисла е славословие, молитва. Секој збор, секое дело, сѐ што правиме и сѐ што сме – повикано е да биде Литургија, да биде славословие, кое Му го вознесуваме на Бога, а со нас (Му го вознесува) и целокупното создание. Славословието не значи ништо друго, освен дарување себеси на Бога, на ближниот и на целото создание. Славословието значи давање, а не само земање. Значи, сѐ е создадено да биде една песна, симфонија, со која управува човекот, со која диригира човекот, со која диригираме сите ние. Во зависност од тоа како диригираме, дали (тоа го правиме) употребувајќи ја или злоупотребувајќи ја својата слобода, ќе зависи и тоа по кој пат оди целиот свет; ќе зависи и тоа како ќе ја разбираме Божјата волја; ќе зависи и тоа како ќе го гледаме ближниот и како ќе се однесува тој кон нас; ќе зависи и тоа каков ќе биде нашиот однос кон севкупното Божјо создание, и како тоа нам ќе ни возвраќа“.

На крајот од Литургијата, Патријархот го изврши чинот на благословување на славските дарови. На присутните им се обрати и Бачкиот митрополит Иринеј, кој му заблагодари на Неговата Светост за доаѓањето во Ковиљскиот манастир, за началствувањето на Литургијата и за поучните зборови. Митрополитот Иринеј им се заблагодари на монахињите и на свештенството, како и на верниците дојдени од разни страни, за доаѓањето и за учеството во прославата на манастирската слава. Тој посака Бог, по молитвите на светите архистратизи (војсководци на небесните сили), да ги штити верните во војувањето против силитена злото.

За благолепието на Литургијата придонесоа членовите на хорот на училиштето за црковно пеење „Свети Јован Дамаскин“ при новосадската црковна општина, и монасите од Ковиљскиот манастир.

Извор: https://eparhijabacka.info/2024/07/26/slava-svetoarhangelskog-manastira-u-kovilju-9/