На 16 декември 2025 година, за време на собирот во одбрана на Украинската Православна Црква, кој се одржа пред Белата куќа во Вашингтон, епископот сиетлски Теодосиј, викар на Западноамериканската епархија на Руската задгранична Православна Црква, се обрати со изјава со цел да ја пренесе информацијата за нарушувањата на верската слобода на територијата на Украина и да ги повика законодавците да ги заштитат правата на верниците. Обраќањето, објавено на интернет страницата на оваа Црква, го пренесуваме во целост.
Најнапред, дозволете ми да ги поздравам сите присутни со претстојниот празник на светата великомаченица Варвара. Овој празник не само што се смета за голем ден за целата Вселенска Црква, туку исто така претставува и посебен ден за градот Киев.
Своето слово за светата великомаченица Варвара го започнав затоа што сум роден во Киев, се воцрковив во храмот во кој почиваат нејзините чесни мошти, учев во Киев, пеев на клиросот во црковниот хор, прислужував во храмот и учествував во читањата за време на богослужбите токму во тој храм.
Сакам да потсетам на еден интересен настан поврзан со денешниот ден.
Кога беше затворен Михајловскиот Златоврвен манастир во Киев, моштите на светата Варвара требаше да бидат пренесени во музеј. За тоа дознаа Грците и во таков случај побараа од болшевиците и комунистите моштите да бидат вратени во Грција. Тие се согласија. Но Грците поставија услов: моштите да бидат пренесени токму онака како што биле донесени во Киев од грчката принцеза Варвара во XII век — со литија, од град во град и од село во село, со молебни пеења.
Се разбира, комунистите го одбија тоа барање, и моштите од православните христијани најнапред беа пренесени во храмот на Светиот апостол Андреј, а потоа и во Владимирскиот катедрален храм.
Сегашните власти, не извлекувајќи поука од историјата, решија да одат уште подалеку, затворајќи ги пештерите во деновите на Великиот пост и прогласувајќи ги моштите за „музејски експонати“. Навистина е неразбирливо како, откако ја зазедоа обителта што со векови им припаѓала на монасите — на земјиште доделено уште во XI век од кнезот Свјатослав Јарославич — ја преименуваа во резерват, иконите ги нарекоа уметнички дела, а моштите мумии, при што оголија некои тела на упокоени благочестиви луѓе и ги поставија во историски музеј, на истата територија на Лаврата што им беше одземена на монасите.
Денес, на територијата одземена од обителта може да се шета со плаќање, а за нешто поголема сума може да се нарача и камбанско ѕвонење (кое во денешно време може да се покаже и како погребно). Ценовникот се наоѓа кај вратите на централниот влез во одземениот дел од Лаврата.
Живеејќи во Киев и престојувајќи во манастирот на Киево-Печерската Лавра, учествував во отворањето на неколку обители и во осветувањето на многу храмови.
Сегашните власти во Украина сакаат на Запад да им ги предадат моштите на некои прочуени светители од Свето-Успенската Лавра — не за поклонение, туку за музеј. И тоа се случува во земја во која, според уставот, Црквата и училиштето се одвоени од државата и каде што постои, но не се спроведува уставниот закон за слобода на вероисповед. Пред наши очи и во сосема неодамнешно време, Вселенскиот Патријарх, мешајќи се во туѓа јурисдикција, предизвика раскол во Украинската Православна Црква. Оние што немаат апостолско преемство и во Црквата се нарекуваат расколници, добија право да се прогласат за Православна Црква во Украина.
Не е доволно што тие луѓе, облечени во одежди на архиереи и свештеници, со сила почнаа да ги одземаат храмовите од единствената канонска, автономна Црква во Украина — Украинската Православна Црква. На архијереите, тепајќи ги, им ги одземаат катедралите, на свештениците — црквите, на монасите и монахињите — обителите. Сето тоа е документално потврдено и може да се види и на преносите на YouTube и во вистинските вести. Во одземените храмови организираат концерти, изложби и бучни трпези, со поставени екрани на фрескописаните ѕидови на храмовите, на кои се прикажуваат вести и други информации. Покрај тоа, архијереи без суд и истрага се фрлаат во затвор, некои се ставаат во домашен притвор, а понекогаш дури и се трујат.
Се создава впечаток дека сегашната власт има огромна желба да се пресметува со своите, наместо да се занимава со своите непосредни државни обврски.
Деновиве дознавме дека и Руската задгранична Црква сакаат да ја обвинат за истото. Тоа отворено се пишува во локалните вести.
Добро би било оние што живеат во слободната земја Америка и сакаат да ја обвинуваат Православната Црква за нешто, повторно да се потсетат на првата точка од нивниот устав, каде што се говори за „слобода на вероисповед“.
Основната грижа на Црквата е борбата со гревот, молитвата за мир и стремежот кон стекнување на благодатта на Светиот Дух. Црквата е туѓа на политиката.
Јас, роден во 1964 година, кој учев во Киев и меѓу првите го примив монаштвото во Киево-Печерската Лавра во далечната 1988 година, би сакал накратко да се потсетам на тоа каква беше состојбата во Украина порано, кога таа сè уште беше една од републиките на Советскиот Сојуз.
Во град со два милиона жители имаше само пет храмови. Не секогаш беше можно да се влезе во нив. Но за празникот Пасха, најголемиот и најсветол ден, за да влезам во храм на возраст од 16–18 години, морав да носам пасош, да одам покрај родителите, речиси држејќи ја мајка ми за рака, и да знам дека е можно за тоа да бидат известени и работните места на родителите и моето училиште или институт, од каде што можеа веднаш да ме исклучат, а родителите да ги отпуштат од работа. Сите храмови тогаш беа опколени со полициски кордони што ги проверуваа документите.
Денес, со речиси истите властодршци, кои не се оддалечија многу од претходните, состојбата не е значително изменета.
Од храм можат за време на богослужение да те избркаат (користејќи пендреци и солзавец), можат да те претепаат и внатре и надвор, можат и да те отрујат, како што неодамна му се случи на еден од јерарсите на Украинската Православна Црква, а може и воопшто да не влезеш во храмот, затоа што преку ноќ ќе ги сменат бравите и ќе го предадат на расколниците. Разликата е само во тоа што при претходните гонења атеистите немаа вера и понекогаш постапуваа похумано, а оние што денес владеат во Украина не се плашат од ништо и од никого, прикривајќи се зад верата, бидејќи за нив законот не важи.
Покрај светињите, страдаат и упокоените писатели на Украина, поети, научници и државници.
Пред 35 години ја обновивме гробницата на претседателот на Советот на министри на Русија — Петар Столипин, која се наоѓаше во Лаврата. Ја вративме надгробната плоча и крстот од музејските депоа. Сè направивме така како што било уредено по неговата смрт во 1911 година.
Сегашните власти сега не само што сакаат да ја уништат и втората гробница, туку и да ги ископаат посмртните останки на Петар Аркадиевич Столипин и да ги предадат во Русија. Истото се случува и со спомениците и со домовите во кои живееле писателите и класиците на нашиот златен и сребрен век на литературата. Искривувањето на историјата нанесува огромна штета на земјата во која тоа се случува.
Со голема тага гледаме на она што се случува со Православната Црква во Украина, каде што причината за сè, несомнено, е расколот. А расколот, како што знаеме од историјата на христијанскиот свет, најдобро е изразен со зборовите на свети Јован Златоуст: „Гревот на расколот не се измива ни со маченичка крв“, како и во посланието на свештеномаченикот Игнатиј Богоносец до Филаделфијците: „Не се лажете, браќа мои! Кој го следи оној што внесува раскол, тој нема да го наследи Царството Божјо“ (Послание 4).
Со тага засега ни останува да Му се молиме на Бога, на Неговата Пречиста Мајка, на сите преподобни Печерски и на сите светии, помнејќи дека „оние што сеат со солзи, со радост ќе жнеат“ (Пс. 125, 5).
И за властодршците треба да тагуваме, зашто понекогаш по Божјо допуштение тие се поставуваат над нас. Дај Боже и тие да дојдат до познание на вистината и да не ја погубат својата душа во вечноста!
„Господи, подигни ја силата Твоја и дојди да нè спасиш“ (Пс. 79, 3).
Извор: https://synod.com/synod/documents/art_bpfeodosydefendingfaithandfreedomoncapitolhill.html
