Со полиција одземен храм на Украинската Православна Црква

Митрополитот Черкаски и Каневски г. Теодосиј од Украинската Православна Црква, изјави дека кога претставниците на власта ги истеруваат верниците од нивните храмови, тоа значи дека државата води војна против сопствената Црква.

На 6 мај 2025 година, Андреевскиот храм на Украинската православна црква во Черкаси беше заземен со учество на претставници на власта и полицијата. Во своето соопштение, митрополит Теодосиј нагласил дека свештениците и верниците се обиделе на мирен и законски начин да го одбранат храмот, но им било одбиено тоа право – полицијата едноставно ги истуркала од нивното светилиште.

„Направивме сè што можевме“, рече тој. „Долго време разговаравме со градоначалникот на Черкаси, Анатолиј Бондаренко, и со секретарот на Градскиот совет, Јуриј Трењкин. Објаснувавме дека според законот не можат да ни го одземат храмот. Со нас беа и правници и документи…“

Свештениците предложиле спорот да се реши правно – преку суд, но добиле директно одбивање. „Едноставно нè истуркаа од храмот. Раководителот на Черкаската полиција дури забрани да се влезе во светилиштето. Сега храмот го чува полицијата, која извршува злосторничка наредба, кршејќи го Уставот и законот за Националната полиција“, истакна архијерејот.

Тој потсети дека кога бил заземен катедралниот храм, тоа го направиле „отворени бандити – со колци, спрејови и оружје“. „Денес нема толпа, само полиција. Но токму тие ги истуркаа верниците и не им дозволуваат повторно да влезат. Тоа се претставници на власта. Ние не сакаме да се бориме со нив, но кога токму државата ги изгонува верниците, тоа значи дека води војна против сопствената Црква“, заклучи митрополит Теодосиј.

Тој додаде дека успеале да изнесат неколку свети предмети: „Со стравопочит ги изнесовме антиминсите и ковчежето со моштите на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, кои привремено беа во Андреевскиот храм. Луѓето плачеа, се молеа и се простија со храмот пред затворените порти под полициска стража.“

Според него, ова не е само локален конфликт: „Ние не се жалиме. Целата земја страда. Но веруваме дека ќе дојде денот кога законот ќе се врати во Украина и верниците повторно ќе ги отворат вратите на своите храмови.“

Како што известуваат украинските црковни медиуми, иако Андреевскиот храм правно ѝ припаѓа на Украинската Православна Црква, властите му припишале лажна, непостоечка заедница на ПЦУ (Православна Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) и на измамнички начин го префрлиле храмот под друго владение.

Извор: https://spzh.eu/ru/news/86149-cherkasskij-arkhierej-andreevskij-khram-zakhvatili-dazhe-ne-bandity-a-politsija