Собир во Вашингтон за поддршка на прогонуваната Украинска Православна Црква

Речиси 200 верници, монаси, свештеници и архијереи, свештеници, на 16 декември 2025 година се собраа во Вашингтон, САД, за да изразат поддршка и да ја подигнат свеста за тешката положба на прогонуваната Украинска Православна Црква.

Групата, организирана од „Друштвото на свети Јован Шангајски и Санфранциски“, вклучуваше тројца архијереи: Неговото Преосвештенство епископот Теодосиј Сиетлски од Руската задгранична Православна Црква, Неговото Преосвештенство епископот Јован Вустерски од Антиохиската Патријаршија и Неговото Преосвештенство епископот Серафим Костајнички од Српската Православна Црква – известува Сојузот на православни журналисти.

Загрижените христијани се сретнаа со 80 членови на Конгресот на САД и нивните соработници, а покрај тоа ги посетија и сите канцеларии во Претставничкиот дом и Сенатот. Настанот заврши со собир и прес-конференција на скалите на зградата на Капитол, на која неколку конгресмени застанаа во знак на солидарност со прогонуваната Украинска Православна Црква.

Беше побарано укинување на украинскиот Закон 3894-IX, усвоен од Врховната рада (Парламентот на Украина) и потпишан од претседателот Зеленски со цел затворање на канонската Украинска Православна Црква. Првиот судски процес што произлезе од овој закон – за забрана на Киевската митрополија – веќе е во тек.

Групата исто така побара ослободување на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Арсениј Свјатогорски, кој речиси две години се наоѓа во притвор по лажни обвиненија, како и прекин на мобилизацијата на свештенството на Украинската Православна Црква во воена служба.

Прес-конференцијата започна со обраќање на пратеничката Луна, која и претходно повеќепати јавно застанала во одбрана на Украинската Црква. Таа нагласи дека „американските даночни средства никогаш не смеат да поддржуваат влада што активно ги прогонува нашите браќа и сестри во Христа“.

Пратеничката Луна

„Ако христијаните можат да бидат прогонувани од нашите западни сојузници и од држави што целосно зависат од нашето финансирање, тогаш ништо не ја спречува таа практика на прогон да се врати и кај нас дома“ – рече таа.

Потоа зборуваше Вајтфорд, која објасни дека загриженоста на групата не е геополитичка, туку е втемелена во човечкото достоинство и верската слобода. Таа истакна дека како православни христијани се молат за народот на Украина од почетокот на војната и дека на настанот присуствувале и многу украински православни христијани.

„Тука сме од една единствена причина“, рече таа, „да го браниме универзалниот принцип на верската слобода и јасно да проговориме кога тој принцип се напушта, дури и од влади кои инаку ги поддржуваме“.

Вајтфорд зборуваше и за законот што има за цел да ја забрани најстарата и најголемата Црква во Украина, како и за тешката состојба на архијереите и свештенството на Украинската Православна Црква, кои се соочуваат со неограничен притвор и воена мобилизација. Неговото Високопреосвештенство митрополитот Арсениј Свјатогорски веќе 18 месеци се наоѓа во притвор, при што му се ускратува итна медицинска нега, а на поглаварот на Црквата, Неговото Блаженство митрополитот Онуфриј Киевски и на цела Украина, претседателот Зеленски му го одзел државјанството. Дополнително, американските граѓани се згрозени од крвавите одземања на храмови што се случуваат речиси секојдневно во Украина.

„Сакам да потсетам дека не зборуваме за Северна Кореја или Кина – ова се случува во земја што Соединетите Американски Држави ја сметаат за сојузник“, рече Вајтфорд.

Како што објасни таа, конкретните барања на „Друштвото на свети Јован“ се: американската влада да повика на суспензија и укинување на Законот 3894, да побара итно ослободување на митрополитот Арсениј, да се стави крај на присилната мобилизација на свештенството на Украинската Православна Црква и Украина да ја почитува уставната гаранција за верска слобода.

Пратеникот Крејн истакна дека од почетокот на војната во Украина се забележуваат „вознемирувачки авторитарни тенденции“ кои „остро се спротивставуваат на основните столбови на западната цивилизација“.

Пратеникот Крејн

„Јасно е дека состојбата на терен е многу поинаква од она што го прикажуваат мејнстрим медиумите“, рече тој. „Покрај тоа, особено загрижува и лошиот третман на христијаните.“

„Да продолжиме да се надеваме на Бога, цврсто да стоиме во нашите уверувања и да го шириме Евангелието ширум светот“, рече тој, изразувајќи надеж дека решавањето на војната ќе донесе враќање на верската слобода во Украина.

Потоа зборуваше Стефано Форте, кој истакна дека иако е претседател на Младите републиканци на Њујорк, пред сѐ таму бил како православен христијанин.

Стефано Форте

„Кога ја имате Англиканската црква, кога го имате папата Франциск и кога имате православни христијани насекаде што велат дека ова е погрешно, само едно прашање може да ги обедини тие три групи. Погрешно е да се гледа затворање на свештенство, погрешно е да се гледаат нашите даночни пари како одат за прогон на христијани во земја што не е наша“, рече тој. „Мораме да застанеме заедно како Американци и да кажеме дека прогонот на било кои христијани, каде и да се, е погрешен и дека ќе одбиеме да ги поддржиме со нашите даночни средства.“

Пратеникот Ван Орден

Пратеникот Ван Орден, кој потекнува од православно семејство, иако не беше предвиден говорник, ја искористи можноста да каже неколку зборови во одбрана на верската слобода:

„Комунизмот се темели на атеистички поставки и мора да го разбереме тоа… во Америка, ако му свртиме грб на Бога, ќе пропаднеме“, рече тој. „Ако не ги поддржуваме другите народи што се борат за верска слобода, ќе пропаднеме и ние. Ја имате мојата непоколеблива поддршка и се надевам дека следниот Божиќ ќе биде посреќен за сите. Со тоа, Бог да ве благослови вас и вашите семејства, и среќен Божиќ.“

Прес-конференцијата ја затвори ипоѓаконот Григориј Левицки, гласач од изборната единица на пратеникот Џо Вилсон – кој минатиот месец ја нападна православната делегација што одржа слични средби во Вашингтон, повикувајќи тие да бидат истражени како „шпиони на Кремљ“.

Левицки раскажа како пратеникот Џо Вилсон „ја издвои и ја нападна мојата Црква како продолжена рака на руската држава“ и ја отфрли нивната застапничка активност за прогонуваната Украинска Православна Црква како „разузнавачка операција“, кога православните христијани минатиот месец се сретнаа со претставници во Вашингтон. Како гласач од неговата изборна единица, тој рече дека бил „огорчен и повреден“ од ставот на Вилсон.

Ипоѓакон Григорј Левицки

Левицки истакна дека Вилсон одбил да се сретне со епископтеи и дека никогаш не ја посетил парохијата на Руската задгранична Православна Црква во сопствениот округ. Вилсон „дури ја критикувал администрацијата на претседателот Трамп затоа што сакала да се сретне со американски граѓани за нивните грижи“, и покрај тоа што оваа црква е „основана токму за да ја заштити православната вера во годините на комунистичко владеење“ и има „силна историја на независност“.

Со длабоки врски со Украина и како сведок на одземањето на храмови и тепањето на свештенство од „агенти на владата на претседателот Зеленски“, Руската задгранична Православна Црква собра повеќе од половина милион долари за украинските жртви на војната и бегалците. Левицки нагласи: „Ние не сме само американски граѓани; ниту еден од епископите на Руската задгранична Православна Црква не е роден во Русија.“ Тој додаде дека нивното свештенство и верници вклучуваат воени ветерани, капелани на вооружените сили на САД и украински бегалци.

Нарекувајќи ги изјавите на Вилсон неодговорни и опасни, Левицки побара формално извинување: „Конгресмене Вилсон, повторно велам: во вашиот округ има парохија на Руската задгранична Православна Црква… поканети сте да дојдете и да нѐ посетите“ и „да се покаете за лажното сведоштво што го изнесовте против сопствените гласачи и против лојални американски граѓани“.

Извор: https://orthochristian.com/174601.html