Во саботата, на 13 септември 2025 година, со светата тајна Крштение и Миропомазание, во Српската Православна Црква беа примени десет нови членови – Холанѓани, кои на крштевањето добија имиња: Марија, Ксенија, Ирина, Стефан, Катарина, Гаврилo, Агатон, Софија, Димитриј и Јован. Крштението и миропомазанието ги извршија протојереј Горан Ковачевиќ, јереј Небојша Мастиловиќ и јереј Крсто Станишиќ на холандски и англиски јазик.
Новокрстените поминаа едногодишен катихуменат, за време на кој интензивно се подготвуваа за крштевање, присуствувајќи на катихези кои им ги држеа, како предводник, протојереј Горан Ковачевиќ, јереј Небојша Мастиловиќ, јереј Крсто Станишиќ и протоѓакон Дејан Радошевиќ. Освен катихезите, тие редовно присуствуваа и на светите Литургии на холандски јазик, кои се служеа еднаш месечно, како и на српски јазик секоја недела и празник.
Веќе од октомври оваа година започнува нов циклус катихези за Холанѓаните кои сакаат да пристапат кон православната вера, а веќе сега има повеќе од петнаесет пријавени. Последниве години голем број Холанѓани пристапуваат кон Православието, меѓу кои најголемиот дел се млади на почетокот од своите дваесетти години. Најмногу се приклучуваат кон Српската Православна Црква или кон Руската Православна Црква, а многумина веќе примиле свето Крштение и Миропомазание и ревносно живеат светотаински живот.
Интересот за пристапување кон Православието сè повеќе расте, а свештенството на Западноевропската епархија, со благослов на неговото Преосвештенство Епископот париски и западноевропски г. Јустин, се труди сите оние што го бараат Православието да ги прифати со раширени раце, да им даде љубов и гостопримство, како и да им обезбеди катихези, поуки и пастирска грижа, за да се исполни Христовата заповед: „Затоа одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ (Мт. 28,19).









Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno/14788.saborno-krstenje-holandana-u-reci-lek.html
