Собрание на Канадската архиепископија на Православната Црква во Америка

Од 15 до 17 јули 2026 година, во Калгари, Канада, Неговото Блаженство митрополитот Тихон Вашингтонски, претседаваше со редовното Собрание на Канадската архиепископија на Православната Црква во Америка, на кое учествуваа архијереи, свештенство, монаштво и мирјани од архиепископијата.

Во своето поздравно обраќање, митрополитот Тихон говорејќи за светиот рамноапостолен кнез Владимир истакна:

„Тоа беше еден човек, во една генерација, кој ја прими верата и слободно, иако не без цена, избра да им ја предаде на другите. Сè што произлезе од таа одлука – илјада години црковен живот меѓу словенските народи, засадувањето на Православието во Северна Америка, основањето на оваа Архиепископија, нејзиниот раст и процут, вклучително и собирите на свештенството, монаштвото и верниот народ како овој, па дури и нашата вечерна молитва денес – сето тоа произлегува од еден единствен чин на предавање на верата.“

За време на работниот дел од Собранието беа разгледани повеќе прашања поврзани со животот на Архиепископијата, меѓу кои и предлог за пензиски фонд за свештенството, извештаи за архиепископските служби, како и номинации за нови членови на Архиепископскиот и Митрополитскиот совет.

Во рамките на собирот беше одржан и свечен банкет, на кој на Митрополитот Тихон и на Архиепископот Иринеј им беа подарени примероци од новиот превод на Евангелието според Јован на јазикот на домородниот народ Блекфут. Во своето обраќање, Митрополитот Тихон истакна дека Црквата низ вековите не пренесувала само знаење, туку пред сè заедница околу евхаристиската трпеза, преку која Бог најнапред го храни Својот народ, а потоа го испраќа да сведочи.

Собранието заврши на 17 јули со архиерејска Божествена литургија во храмот „Свети свештеномаченик Петар Алеут“ во Калгари, на која сослужуваа Канадскиот архиепископ Иринеј и свештенството на Канадската архиепископија. За време на Литургијата, Митрополитот Тихон одликува двајца клирици со правото на носење крстови, а во беседата нагласи дека знаењето и љубовта треба да бидат неразделни во животот на Црквата.

По Литургијата, архиепископот Иринеј му се заблагодари на митрополитот Тихон за неговото присуство, додека претстојателот на Православната Црква во Америка ја истакна радоста што може да сведочи за растот на Православието во Канада и за цврстата вера на Канадската архиепископија.

Извор: https://www.oca.org/news/headline-news/his-beatitude-metropolitan-tikhon-presides-at-2026-canadian-archdiocesan-assembly