На 12 јануари 2025 година официјалниот сајт на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП) ја пренесе изјавата од Софиската Света Митрополија дека не овластила клирици од епархијата да коментираат одлуки на Светиот Синод на БПЦ-БП или изјави на Софискиот митрополит и Бугарски патријарх. Сајтот на Патријаршијата потсетува дека, според одлуката на Светиот Синод на БПЦ-БП бр. 4/18.02.2014 година, во целосен состав, по темелни расправи за несоодветни медиумски настапи спротивни на црковниот ред и дисциплина, е изречена категорична забрана клириците „јавно да изнесуваат какви било обвинувања против духовници и православни христијани надвор од предвидените одредби на Свештените канони и Уставот на БПЦ-БП.“
„Изјавуваме дека систематските проценувачки изјави и обвинувања на архим. Никанор (Мишков) на социјалните мрежи и во средствата за јавно информирање, поврзани со ставови на Светиот Синод на БПЦ-БП и интервјуа на Софискиот митрополит и Бугарски патријарх, се без благослов и се во директна спротивност со црковната дисциплина, монашкото служење и споменатата одлука на Светиот Синод. Наведениот клирик веќе е предупреден за соблазната и духовното вознемирување кои ги предизвикуваат неговите изјави“ – стои во изјавата.
Архимандритот Никанор своите ставови ги изразува преку неговиот Фејсбук профил или во изјави за медиуми. Во нив тој отворено и во потполност ги застапува позициите на Цариградската патријаршија. Карактеристично беше неговото јавно несогласување со изборот на Даниил за бугарски Патријарх, во кое го обвини дека е „проруски човек“. Неодамна тој изрази несогласување со реакцијата на Светиот синод на БПЦ-БП во врска со регистрацијата на старокалендарската Црква во Бугарија.
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/izyavlenie-ot-sofiyskata-sveta-mitropolia